Македонски деца шампиони

lupco.jpg

Во оваа денешна „никаквотија и збркотија“ да дојдеш до ваква тема за пишување не да е привилегија, туку е бинго.

Во „ЛЕГО-шампионатот 2017/2018“, над 300 илјади деца од 80 земји, со свои изуми, откритија и проекти се натпреваруваат низ целиот свет на тема „Водата е жива“. Во Македонија нема ЛЕГО-лига, а во Србија четврта сезона се одржуваат турнири. Годинава првпат се пријави и екипа од Македонија.
Резултати од Државниот турнир сезона 2017/2018, на темата „Водата е жива“ – хидродинамика, одржан на 20.1.2018 година, во Белград. На натпреварувањето настапија 20 екипи, 19 од Србија и една од Македонија, а вкупниот пласман е следниот: шампион на турнирот – првото место го освои тимот „Македонски роботски пионери“ од СОУ „Гошо Викентиев“, Кочани, Македонија. Второто место го освои екипа од Белград и третото од Заечар.

Трите првопласирани тимови добиваат можност за понатамошно натпреварување на регионалниот „Адриа-турнир“ во Целје, Словенија, на 10 март 2018 година. Тоа е утре, а нашиот тим вчера замина за Словенија.

Македонскиот тим е со следниот состав: Давид Стојков (14 години), координатор на проектот; Горјан Илиевски (16), координатор за роботски игри; Јован Филипов (12), програмер; Никола Христов (12), програмер; Сара Стојилкова (15), истражувачка; Мими Војновска (15), истражувачка; Ана Јорданова (13), истражувачка; Моника Ристова (13), истражувачка; Петар Манев (11), графика; ментори: г. Гордан Анастасов и г-ѓа Розалија Неделкова Војновска. Иако задачите се поделени, секој член мора да знае речиси сѐ за проектот, за ради тимската работа.

Што е „ЛЕГО-шампионатот“?

Веројатно сте се сретнале, драги мои, со познатите коцки (детски играчки), производ на данската мегакорпорација „Лего“ (LEGO), со кои децата имаат можност да фантазираат и градат разни објекти. Фондациите ФИРС и „Лего еду“, секоја година задаваат глобален предизвик, за насочување на децата од 9 до 16 години, кон креирање во МИНТ (математика, инженерство, наука и техника), склопување ЛЕГО-роботи, иновативни проектни решенија за реални проблеми низ градба на тимски дух.

Тимовите слободно се избираат и самогрупираат да работат нешто корисно и занимливо и да се учат не само „што се прави“, туку и „зошто и како се прави тоа “. Децата се предизвикани да размислуваат како научници и инженери, во решавање на некој реален проблем. Тимовите ги доживуваат сите чекори на реалниот процес на развој на производи, односно решавање проблем под временски притисок, со недоволно ресурси и непознати конкуренти.

Интересно е сценариото за презентацијата на проектот пред судиите, каде што треба за 5 минути, на англиски јазик, да се изложи целиот проект и секој од тимот мора да има свое „парче“ во презентацијата. И друго важно, во текот на минутите на презентација, секој од членовите на тимот, во секој момент има некоја задача и на секои триесетина секунди се врши ротација на извршувањето на задачите и на презентерите. Нешто слично како во одбојката. Ова да го синхронизираш треба силна умешност, мотивираност, посветеност, концентрација и знаење.

За ова има „до сабајле“ да се пишува, ама и цел весник ќе е тесен.

Друго што мене пријатно ме изненади, при консултативната средба околу геотермалната вода. Децата дојдоа или подупатени или, пак, поседуваат висока интуитивна интелигенција, та на самото место брзо се упатија!? Имено самите, во рамките на зададената тема на турнирот „Водата е жива“, си одлучиле нивниот проект да биде со геотермалната вода. Па, тука некаде и почнува нивната добитна комбинација, да откријат реткост на проектна тема со локален проблем, а Кочани го има најголемиот геотермален систем во Европа. Бев воодушевен од посветената заинтересираност и „копање“ по геотермалната вода и многуте и „зрели“ прашања. Па, каква е таа вода, од каде доаѓа, па кој ја загрева, како ја користите, за што ја користите, добро ли ја користите, па мудро ли ја искористувате…? Умот да ти штукне!? И на прашањето што ѝ правите на веќе искористената (оладена) геотермална вода што се враќа од грејните тела во оранжериите, веројатно им „светнала сијаличката“: „За што би можела да се доискористи таа вода, која има сѐ уште некаква температура!?“ Потоа им се вклучила и друга „сијаличка“, па си одлучиле да си проектираат и прават фарма за производство на деликатната, многу барана, лековита здрава храна – алгата спирулина. И децата си истражувале, пишувале, цртале, се обучувале, тренирале, нечујно заминале за Белград и донесоа пехар за освоено прво место. Да ти е милина и гордост.

Министерството за туризам на Србија презеде дел од финансирањето на трите првопласирани екипи, на регионалниот турнир во Словенија. Но се појави проблем – не можело со наменските пари да се финансираат странски тимови.

Спонзорирањето на натпреварувањето во Белград беше од ротари-клубот „Кочани-Виница“, а дресови и други реквизити подари „Фингер принт“ од Кочани. За натпреварувањето во Словенија, со дополнителна помош се понудија од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со чиј минибус, македонските роботски пионери вчера попладне заминаа за Целје.

Да им стискаме палци на нашите млади амбасадори.
Среќно и главата горе!

Љупчо Гаштевски за Нова Македонија

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail