Internet-Security.jpg

Користењето на интернетот и социјалните медиуми е секојдневна навика на речиси секој човек во Република Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2018 година, 79.3 % од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. Учеството на домаќинствата според типот на населеното место со фиксен широкопојасен интернет во вкупниот број домаќинства изнесувал 70.4 % во 2018 година.
Во истиот период, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 79.2%, а 68.7 % го користеле секој ден или речиси секој ден. Мобилниот телефон или паметниот телефон биле најкористени средства за пристап до интернет кај корисниците на интернет во овој период, а најмногу кај лицата на возраст од 15 до 24 години (91.8 %).
Како медиум во секојдневната комуникација, интернетот претставува револуционерен пронајдок кој предизвика фундаментални промени во општеството, а масовизацијата на користење на интернетот го промени деловното работење, образованието, здравствената заштита, работата на властите, начинот на кој комуницираме со нашите пријатели и блиски итн.

Меѓутоа, неправилното користење на интернетот, особено од страна на децата може да доведе до опасности и ризици. Од исклучителна важност е граѓаните да се информираат околу тоа што смеат, а што не треба да прават онлајн, односно на што да внимаваме и како да се заштитиме себе си и особено најмалите во интернет просторот.
Во пресрет на Светскиот ден за побезбеден интернет кој годинава се одбележува на 5 февруари и претставува дел од глобалното движење за подигање на свеста и промоција на побезбеден интернет за сите корисници, особено помеѓу децата и младите, претставуваме 10 Совети за безбедно користење на интернет просторот кои за потребите на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи ги изработи специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.
1. Балансирајте го времето поминато во онлајн светот.
Денот ниту почнува, ниту завршува со интернетот, иако на дел од нас ни се чини дека е така. Во текот на денот има и треба да има и многу други офлајн активности кои ќе ги правиме заедно со нашите деца. На пример, заеднички појадок и ручек, друштвени игри кои заедно ќе ги играме, редење на сложувалки, разговор, спортски активности, прошетка или планинарење итн. Изборот е голем, а креативноста е оставена на секој од нас.Но, не заборавајте дека токму родителите и возрасните се одговорни да ги постават „правилата на игра“, а не децата. На пример, заедно со децата може да изгледате одредено видео на Јутјуб кое покажува како дома да направите празнични украси или колачи, Потоа заедно одите да ги купите намирниците, па се враќате дома и заеднички ги правите овие слатки. На овој начин може да исполните неколку часа прекрасно поминато време и да направите супер комбинација на онлајн и офлајн активности поминати заедно со вашето дете.

Со други зборови, научете се себе си, а со тоа и децата дека поминувањето слободно време и забава на интернет доаѓа како награда по сработените задачи и активности. Односно, откако малото дете ќе го изеде ручекот или собере расфрланите играчки; откако учениците ќе ги завршат училишните обврски; а возрасните ќе ги завршат зададените задачи во потребните рокови. И најважно од сè, правилата во интернет просторот е потребно да ги почитуваме сите во семејството. Ако му браните на вашето дете да гледа онлајн видеа, а истовремено вие постојано „висите“ на чет апликациите, можете само да направите спротивен ефект и да го изгубите авторитетот кај децата.Не може да очекувате детето да изгради однос и баланс во користењето на мобилниот телефон или компјутерот, доколку вие 24 часа типкате на вашиот телефон или таблет. Бидејќи детето ќе го следи вашиот пример и ќе смета дека седењето на интернет е правило кое треба да се применува во текот на целиот ден.

2. Прво прочитајте, па прифатете. Пред да го стиснете копчето „прифати“ (accept) потребно е да ги прочитате условите под кои симнувате одредена апликација или инсталирате некоја програма. На истите правила уште од мали треба да ги научиме и нашите деца за да разберат дека имаат и сносат одговорност за своето однесување додека се во онлајн сферата. На тој начин ќе градиме свесни индивидуи за ризиците кои постојат во интернетот и на социјалните мрежи, но и личности кои ќе сфатат дека дали ќе се впуштат во некоја несакана „авантура“ зависи првенствено од нив. Едноставно, како што ги учиме на правилата во сообраќајот со цел да можат безбедно да поминат улица или некоја крстосница, на истиот начин ги воведуваме и во правилата во интернет просторот. На тој начин градиме зрели личности кои ќе се грижат за својата онлајн репутација.

3. Говорот на омраза не е опција! Главната дилема или предизвик е како да израснеме идни генерации кои ќе знаат како правилно да се однесуваат на интернет. Генерации кои интернетот нема да ги повреди, но и деца кои ќе научат дека во животот никого не треба на навредат додека се онлајн, користејќи говор на омраза или навреда. Особено да не бидат како дел од нас кои ниските страсти како завист и љубомора широко ги постеламе преку социјалните медиуми. Туку, младина која ќе изгради цврсти и стабилни личности со вистинска онлајн репутација кои ќе ги ползуваат само придобивките од интернетот. Но, затоа треба да прифатиме дека секоја генерација има своја битка, но и само свое детство. Тие, „новите девојки и дечки“ кои не може и не треба да бараме од нив да го живеат нашето детство од пред децении, туку она кое ним им припаѓа. А, нивното детство и младост во голема мера се базираат и на интернетот и новите технологии. Наше е да ги заштитиме и насочиме, сè понатаму зависи и треба да зависи од нив!

4. Заедно во борбата против сајбер булингот и врсничкото насилство – Пристапот до веб-страници, содржини и апликации соодветни за нивната возраст им помага на децата да не се соочат со интернет содржини кои се неадекватни за нивната возраст и кои можат да го нарушат нивниот развој, но и да ги вознемират или направат агресивни. Исто така, на овој начин детето се заштитува да не дојде во евентуален допир со сајбер-насилство, односно да не бидат психички омаловажувано и малтретирано. Дополнително, од голема важност е да внимаваме детето да не биде жртва на врсничко насилство на интернет, но истовремено и да не биде предизвикувач или причина за некое друго дете да биде вознемирувано, омаловажувано или малтретирано. Разговарајте со вашите деца за она што им се случува додека се на интернет, на креативен начин потсетувајте ги на изреката „Не прави го никому, тоа што не сакаш да ти го прават тебе“ и развивајте емпатија кај нив. Да се потсетиме дека децата се само копија на возрасните, односно дека децата можат да погрешат, но возрасните никако!

5. Воведување на образование компатибилно со дигиталната ера и формална медиумска едукација – Масовната дигитализацијата бара целосно прилагодување на наставните програми и курикулуми на новото време. Децата денес се раѓаат со мобилен телефон, интернет и компјутери. Затоа, крајно време е наставните програми и севкупниот воспитно-образовен систем да работат на целосно отфрлање и надминување на јазот кој се јавува помеѓу користењето на технологијата и интернетот од страна на новите генерации и традиционалниот систем на учење во формалното образование. Доколку правилно се користат новите технологии и интернетот, тие ќе овозможат позитивно влијание и напредок во процесот на едукација на младите генерации. Во спротивно, како општество ќе оставиме простор за зголемување на јазот во оваа сфера и развивање на негативните појави кои со себе може да ги донесе онлајн активноста. Медиумската едукација ќе донесе зголемена дигитална и информациска писменост. Од тие причини, потребно е воведување на ваков тип на едукација уште од најрана возраст, а особено нејзино вметнување како важен дел од формалното образование за децата од најрана возраст. Пред повеќе од 19 месеци во неколку јавни настапи посочив дека е повеќе од потребно здружување на силите во овој процес. Апсолутно сметам дека се потребни и особено потенцирам дека МОН и МИОА мора да ја преземат својата координативна улога во оваа сфера со цел образованието да функционира адаптирано на новото време, односно да влезе целосно во 21 век.

Тука сме сите за да им ја дадеме целата своја лична и експертска поддршка на сите авторитети во овие државни институции и нивните органи во состав на ресорните министерства. 6. Дигитална писменост Дали првенствено ќе научиме да ги ползуваме придобивките и позитивните аспекти кои со себе ги носи дигитализацијата сè повеќе ќе зависи од степенот на нашата дигитална писменост. Дигиталната, како дел од медиумската писменост, ни овозможува вештини за правилно искористување на интернетот и новите медиуми во насока на подобрување на секојдневните процеси (учење, работа, корисни знаења/вештини и слично). Но, ова наликува на дел од упатството за ставање на маската за кислород во авионите, каде се вели „Доколку дојде до пад на притисокот во авионот, прво ставете ја маската со кислород на вас, а потоа на вашето дете и на други патници на кои им е потребна помош“. Истото правило важи и за дигиталната писменост. Прво е важно вие да сте дигитално описменети и постојано да учите и се надградувате во оваа сфера, со цел да можете да ги научите децата на овие вештини уште од најрана возраст. Дали е потребно уште еднаш да се потсетиме дека децата денес се раѓаат со интернет, „паметен“ телефон и компјутер? Токму од тие причини, неопходно ни е формално воведување во воспитно-образовниот процес на медиумската и дигиталната писменост уште од најрана возраст.

7. Подигање на свеста за користењето на апликации и софтвери за родителска заштита – Улогата на родителот не може никој да ја замени, особено во воспитувањето и насочувањето на детето како да се однесува додека е во онлајн просторот. Едноставно, разговорот со вашите деца може многу да помогне – да ги подучите да не кликаат автоматски на копчињата „да“ или „прифаќам“ и да си се држат настрана од било какво недозволено однесување на интернет, интернет насилство или сајбер-криминал. Но, замислете колкава поддршка е да имате некој кој нема да му дозволи на вашето дете воопшто да пристапи до веб страни и апликации кои се несоодветни за неговата возраст или да ви дава преглед на опасните конверзации и разговори во кои детето може да западне и да стане предмет на кражба на лични податоци или да се соочи со вербално омаловажување и насилство.

Токму тоа го нудат софтверите за родителска контрола, но и многу повеќе. Да потсетиме дека влогот за едно семејство во вакви апликации и софтвери изнесува до 100 денари месечно, па бројот на родители кои вложуваат во овие алатки треба да биде многу поголем од моменталните 1 процент. Исто така, самите онлајн платформи вложуваат во бесплатни апликации или поставки кои можеме да ги активираме со цел да го заштитиме нашето дете додека е во онлајн просторот. Па, ајде да ги искористиме. 8. Како да се справиме со лажните вести? Борбата со лажните вести е сериозен процес во кој се вклучени многу чинители во изминативе години. Алармот буквално „се запали“ на светско ниво, а особено по тврдењата за влијанието на лажните вести и лажни профили на социјалните медиуми на претседателските избори во САД и референдумот во Велика Британија за излегување од членството во ЕУ (Брегзит). Се случуваа и се случуваат голем број на истраги, особено од страна на официјалните државни органи на САД, ЕУ и Велика Британија кои треба да докажат и дали имало мешање и интерес на странски држави во процесот на создавање и ширење на лажни вести. Регулативата е една од основните начини за борба со лажните вести и нивното ширење. Во оваа насока треба да се размисли и за регулација и контролни тела кои ќе ја следат ваквата состојба на национално, како и на глобално ниво, но истовремено тука треба да се внимава да не биде загрозена на ниеден начин слободата на говор и правото на слободен интернет.
Понатаму, едукацијата е особено важна кога зборуваме за новите медиуми и интернет, посебно во делот на феноменот на лажни вести. Потребно е да се вложува многу во дигиталната и информациската писменост или едноставно кажано да создадеме индивидуи кои лесно ќе можат да ги препознаат и отфрлат лажните вести. Тука повторно би спомнал обуки, но и потребата од овој тип на едукација многу брзо да стане дел и од воспитно – образовниот систем во секоја земја.

Во оваа насока, многу е важно и да изнајдеме механизми со кои ќе направиме кликот на секоја реална вест да чини многу повеќе од кликот на било која лажна вест. Сметам дека на овие три начини за релативно кратко време ќе можеме да се избориме со лажните вести. Феномен кој потсетувам дека прво се имаше појавено во индустријата за додатоци во исхраната, лекови, слабеење и слично, а дури потоа како испробан механизам се преслика и во општествените случувања и политичките кампањи.
9. Каде треба децата да пребаруваат за да најдат точни информации – Ова е една од главните вештини на новото време која е потребно да ја развиваме кај децата уште од најрана возраст. Пред сè родителите и наставниците се тие кои имаат обврска да го научат детето на критичкото размислување, опсервирање и развивање на методологија за начинот и местото во кое можат да ја најдат точната, корисната и кредибилна информација.
За таа цел, образовните институции и владините ресори за образование и информатика веќе треба да почнат со изработка на посебни програми за едукација на наставниот кадар со цел унификација на дополнителните онлајн извори кои ќе им ги пласираат на учениците на секој час, а според програмата за учење по наставниот предмет. И тука е потребно вклучување на поширок круг на експерти кои се бават со дигиталната тематика, како и голем дел од наставниот кадар кој секојдневно доаѓа во допир со ваквите потреби на учениците со цел поинтересни часови и зголемено знаење и писменост на секој млад човек во Македонија.

10. Инфлуенсери, Јутјубери и гејметрите – Што се тоа инфлуенсери и зошто речиси секое второ дете сака да стане познат јутјубер/ка и гејмер/ка? Претпоставувам на сите ни е јасно дека и ова е резултат и директен производ од масовната дигитализација и пенетрацијата на интернетот и социјалните мрежи.

За генерациите родени пред деведесеттите можеби ова е нешто ново и помалку познато, но тоа не значи дека не е позитивно. Всушност, токму денес, благодарение на интернетот и развојот на онлајн платформите на многу начини е олеснет животот на лица со потешкотии во развојот, а огромен број на млади со свои добри бизнис идеи или таленти успеаја побрзо да се промовираат користејќи ја брзината на ширење на информациите кои интернетот ја овозможува.

Музички бендови и вокали, спортисти, сликари, фотографи, писатели и прозаисти, дизајнери… се само дел од профилите на млади луѓе кои ги промовираат своите вештини, заработуваат и стекнуваат приврзаници преку интернет платформите.
Но, што е клучно? Секој инфлуенсер мора да сфати дека со својата растечка популарност правопропорционално ја зголемува својата општествена одговорност. Да станете влијателен или инфлуенсер не значи само да броите популарност и заработувачка, туку истовремено да и се оддолжувате на заедницата преку поттикнување на општествено корисни активности, промоција на вредности и принципи и секако, поддршка или иницијатива за хуманитарни акции.
Изработил за потребите на Институт за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП): Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

извор:иновативност.мк

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail