4-2.jpg

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип од јуни 2018 година учествува во проект на ЕУ насловен „EU4TECH“. Целта на тој проект е да се воспостават првични идеи за поттикнување на научниот кадар и искористување на научниот потенцијал на истражувачите во научните институции кон изработка и воспоставување на односи со стопанството кои ќе резултираат со применети истражувања за потребите на истото.

Во таа насока, УГД минатата година испрати тројца свои претставници на Летната школа што се одржа во Подгорица, Црна Гора, каде што беа запознати со принципите на старт-ап, спин-оф компаниите, интелектуалните услуги, патентните права и сѐ она што би можело да значи поддршка на развојот на научната идеја и нејзино преточување во патентен производ или некој производ кој ќе значи воспоставување на старт-ап или спин-оф компанија.

Таквиот процес резултираше со намера на раководството на УГД да воспостави Центар за трансфер на технологија, кој ќе им помогне на истражувачите, на научниот кадар од Универзитетот да ги развијат своите идеи и во соработка со своите студенти да развиваат и поттикнуваат развој на старт-ап компании. За таквите проекти секако е потребен и капитал, а во таа насока, ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев и претставници на „Х фактор акцелератор“ – Велес, компанија којашто има потпишано договор со Светската банка и Фондот за иновации и технолошки развој, потпишаа Меморандум за соработка, кој предвидува размена на информации и поддршка на старт-ап компаниите кои ќе се јават како резултат на соработка помеѓу истражувачкиот кадар, студентите и стопанството.

Двете страни со меморандумот се обврзаа дека ќе работат на развојот на добрите деловни односи, а првата активност насочена кон можности за финансиска поддршка на научните идеи ќе се роди веќе во октомври, кога претставниците на „Х фактор акцелератор“ ќе одржат промотивна средба пред студентите на завршните години од техничките факултети на УГД, при што ќе ги запознаат со условите и начините на финансирање на идеите кои ќе се родат во овој временски период.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail