АХВ демантира дека се јаде месо со антибиотици, хормони и адитиви

avm.jpg

Агенцијата за храна и ветеринарство ги демантира написите во некои медиуми дека граѓаните јадат месо полно со антибиотици, хормони и адитиви, посочувајќи дека се неосновани, паушални наводи и груби манипулации со кои граѓаните се доведуваат во заблуда и страв.

– Како одговорна институција за безбедноста на храната и храната за животни и здравствената заштита на животните, најодговорно тврдиме дека употребата на антибиотици и хормони во производство на месо и млеко во Република Македонија е законски регулирано, со прописи кои се порестриктивни во споредба со европските со кои се усогласени, а законски е утврдено и правилното и одговорно користење на ветеринарно медицинските препарати, вклучително и антибиотиците и хормоните, наведува Агенцијата за за храна и ветеринарство.

Агенцијата појаснува дека животните кои се колат во кланица се пропратени со Сертификат за здравствена состојба за животните издаден од надлежен ветеринарен доктор во кој се потврдува дека животните во последните четири недели не се лекувани ниту хранети со храна која содржи ветеринарно медицински-препарати (антибиотици и хормони). Доколку инспекторот при клиничкиот преглед се посомнева за употреба на антибиотици, наведува АХВ, се земаат дополнително мостри за анализа. Месото се пушта во промет исклучиво по добивање на негативен резултат.

Од 2012 година Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Националната мониторинг програма за контрола на резидуи од ветеринарно-медицински препарати и контаминенти во живите животни и храната од животинско потекло, вклучително и на антиботиците и хормоните. Испитување на присуство на антибиотици во млеко и месо и хормони во месо се врши и од страна на официјалните ветеринари при секој сомнеж при спроведување на официјалните контроли.

– Гаранција плус дека овој тип храна не содржи резидуи од антибиотици и хормони е и законската обврска на операторите да спроведуваат сопствени испитувања покрај испитувањата кои ги вршат инспекциските служби. Секоја пратка со храна од животинско потекло која се увезува во земјава задолжително е проследена со ветеринарен сертификат, со кој се гарантира дека храната која се увезува не содржи ниту остатоци од антибиотици и хормони, а безбедноста се потврдува и со дополнително земање на мостри за лабораториско испитување, а контроли се вршат и на увозните пратки и при истовар, информира Агенцијата.

Оваа надлежна институција нагласува дека резултатите од досега извршените испитувања покажуваат дека храната од животинско потекло пласирана на пазарот во Република Македонија е без присуство на антибиотици и хормони, односно дека од овој аспект таа е безбедна. АХВ апелира до граѓаните да купуваат месо само од регистрирани месарници и кое содржи декларација за неговото потекло и за здравствената исправност.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top