Амазон го купува синџирот на биохрани за 13,7 милијарди долари

amazon.jpg

Според договорот, цената на акциите на Хол фудс е 42 долари, 27 посто повеќе од четвртокот. Од Амазон изјавија дека Хол фудс ќе продолжи да работи како посебен оддел на компанијата.

Директорот на Хол фудс Џон Мекеј рече дека ќе остане на чело на фирмата, а седиштето исто така ќе остане во Остин во Тексас.

Овој договор покажува се поголем интерес на Амазон за традиционалните продавници, чиј бизнис е значајно оштетен со растот на Амазон, а многу најавија затворање.

Договорот, исто така го потврдува зголемениот интерес на Амазон за храна. Компанијата има свој систем на испорака, Амазон Фреш, и експериментира со моделот „кликни и подигни“, што на корисниците им овозможува онлајн да купуваат, по што лично можат да ги подигнат артиклите.

Супермаркетите и останатите малопродажни бизниси силно се погодени со се поголемата конкуренција од Амазон и Волмарт.

Малопродажниот гигант Крогер во четвртокот објави дека оваа година ќе има помал профит од очекуваниот, поради падот на акциите за речиси 20 посто. Сепак, акциите на Крогер скокнаа за 13 посто во петокот, по објавата на Амазон за купувањето на Хол фудс.

Падна и вредноста на акциите на другите поголеми компании, како што се Таргет, Костко, Супервалју и Спраутс. Акциите на Волмарт паднаа за 5 посто.

Договорот за купопродажба на Хол фудс ја покажува финансиската моќ на Амазон, чија пазарна вредност е поголема од 12 најголеми традиционални компании заедно.

„Милион луѓе го сакаат Хол фудс, бидејќи нуди најдобра природна и органска храна и здравата исхрана ја прават забавна“, рече директорот на Амазон Џеф Безос.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail