АПЕЛ ОД СТУДЕНТСКИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПРИ УКЛО

uklo-logo.jpg

Почитувани, сакам да напоменам на една неправда со која се соочени студентите кои престојуваат во студентските домови. Имено, студентските домови беа затворени од страна на Владата поради кризната состојба со Ковид-19. Но, и покрај тоа што сега, мерките не се толку строги (на пример, угостителските објекти смеат да работат), а веќе од понеделник, 1.6.2020 година почнуваат полагањата, Министерството за образование и наука се’ уште не најде начин да ги отвори студентските домови.

Со тоа, голем број на студенти, кои за време на студирањето престојуваат во студентските домови, и на УКЛО, и на другите универзитети се дискриминирани, бидејќи не можат да си го остварат правото да полагаат со физичко присуство, само затоа што не се во можност да патуваат секојдневно од своите домови до факултетите. Иако, според член 9 од Уставот, сите граѓани се еднакви, во оваа ситуација студентите кои престојуваат во студентските домови не се ставени во еднаква положба со останатите, и како што напоменав, се дискриминирани, нешто што е забрането како со Уставот, така и со некои меѓународни акти.

Поради оваа непосакувана состојба, предлагам да се отворат студентските домови, и истите да работат во текот на сесиите, поконкренто, во текот на целото лето. При отворањето на истите, да се спроведат сите неопходни мерки за заштита, со што би се чувствувале сигурно и студентите, и вработените во домовите.

Имено, како поткрепа на ова барање, ќе наведам еден пример. Во „екот на пандемијата“, во месец април, како и во цел изминат период, иако „се спроведуваа мерките за заштита од Ковид-19“, секој човек можеше да посведочи дека парковите, улиците и јавните површини се полни со луѓе, кои не држат растојание, кои не носат маски итн. Па се прашувам, дали е дозволиво тоа да не биде спречено, а студентите да не можат да полагаат бидејќи не живеат во градот во кој се наоѓа нивниот факултет?

Се надевам дека овој апел ќе најде на разбирање, и дека студентите ќе го добијат она што го заслужуваат!

Срдечен поздрав,
Бојан Петровски,
Студентски правобранител при УКЛО.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail