АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА: Откриено исклучително погребување на локалитетот Гимбабица во Преспа

AREOLOSHKI-ISTRAZUVANJA-Otkrieno-iskluchitelno-pogrebuvanje-na-lokalitetot-Gimbabica-vo-Prespa.jpg

АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА: Откриено исклучително погребување на локалитетот Гимбабица во Преспа

Откриено е исклучително погребување во третата сезона од систематските археолошки истражувања на античкиот локалитет Гимбабица, кој е повторно актуелизиран по 65 години.

Во 1953 година по стручен увид на археологот Васил Лахтов кај месноста Гимбабица во близина на селото Избишта биле откриени остатоци од неколку гробови кои датираат од 3 век.

Како што соопшти Археолошкиот музеј, точно лоциран и хронолошки потврден, овој локалитет во 2018 година почна повторно да се истражува со првична цел да се открие нешто повеќе за начинот на живот на старите преспанчани, бидејќи оваа раноантичка некропола е позната и како вечно почивалиште на воини, дами и металурзи кои живееле пред повеќе од 2.300 години.

Во втората кампања во 2019 година, како што се наведува, фокусот на истражувањето на археолозите беше насочен кон добивање на повеќе информации за ширењето и организацијата на некрополата, погребниот ритуал и одликите на материјалната култура. Со истражувањата се утврди дека оваа некропола е постара, некои гробови датираат од 4 век пред нашата ера.

-Под раководство на м-р Перо Арџанлиев, потпомогнат од стручната екипа на археолози: Илија Бошковски и Вангел Иванов заврши третата сезона археолошки истражувања на локалитетот. Покрај вредните сознанија за карактерот на некрополата и погребните обичаи оваа година за истакнување е откривањето на исклучително погребување на машки покојник кој веројатно имал посебно место во општествениот живот во хеленистичкиот период во овој регион. Тоа го заклучивме од импресивната гробна архитектура во која бил погребан, како и од фактот дека во пределот на десната рака откривме два прстена, појава која е ретка не само за некрополата туку и пошироко за овој период, се вели во соопштението од Археолошкиот музеј.

Од Археолошкиот музеј најавуваат дека античката приказна за Преспа ќе продолжи да се открива и во иднина со вредната истражувачка работа на археолозите бидејќи локалитетот и Преспанскиот регион тоа го заслужуваат. Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура.

Извор: denesen.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail