Безбедноста во лифтовите сѐ уште е отворено прашање

lift.jpg

????????????????????????????????????

Проблемот со надлежноста и безбедноста на лифтовите сè уште останува отворено прашање, иако измина една година од иницијативата на управителите со која тие прогласија ненадлежност над лифтовите, инсистирајќи одговорноста да се префрли на станарите.

Од Групацијата за домување со станбен и деловен простор при Стопанската комора на Македонија сметаат дека не треба да се префрла одговорноста за техничката неисправност на лифтовите врз лиценцираните управители за домување, бидејќи тие не се нивни сопственици. Токму овој момент стана камен на сопнување при лоцирањето на надлежностите и одговорностите околу безбедноста на лифтовите. Во Законот за техничка инспекција пишува дека управителите се корисници на лифтовите, а според Законот за домување, сопственици се станарите.

Лиценцираните управители за домување со своето барање да бидат „амнестирани“ од проблемот со одговорноста за лифтовите, како аргумент го наведуваат фактот дека тие како управители, во согласност со Законот за домување, ги вршат обврските во името на станарите, иако сопственоста на заедничките простории во влезот е на станарите како корисници на посебните делови.

– Живеам во зграда што е мошне стара, а лифтот е во ужасна состојба. Постојано се расипува, а вратата од лифтот по неговото симнување во приземје, не се затвора целосно, туку останува подотворена. Постојано сме на штрек кога влегуваме во лифтот, да не зачекориме во празно и да пропаднеме во амбис. Повеќепати пријавував кај управителот на зградата за овој дефект, но кога дојдоа од сервисот кажаа дека проблемот е сериозен и дека целосно ќе треба да се менува, а тоа чини многу пари, никој од станарите нема да се согласи на толкав трошок, не дека не сакаат, туку затоа што луѓето немаат пари, повеќето се социјални случаи. Подобро да го запечатат лифтот и да не го користиме, за да не се случи некоја трагедија – вели скопјанката Марија К.

Надлежностите законски се регулирани со членот 6 од Законот за домување, каде што се вели дека сите заеднички простории се сопственост на станарите, а во нив секако спаѓаат и лифтовите.
Според Регулаторната комисија за домување, ако лифтот во зградата поради дефект не е во употреба, обврската да го пријават тоа до управителот на зградата е на сопствениците на становите, а одговорните лица на видно место треба да истакнат дека лифтот е надвор од функција и не може безбедно да се употребува.

– Лифтовите во зградите треба еднаш месечно да се сервисираат од фирмите за одржување лифтови, а техничката исправност на лифтовите да се проверува еднаш годишно – велат од Регулаторната комисија.
Според нивното кажување, ако се направи технички преглед на лифтовите, на дури деведесет отсто од нив ќе биде детектирана неисправност, која е наследена како проблем. Бидејќи сопственици на лифтот во станбена зграда се станарите, тие се одговорни за неговото одржување, сервисирање, годишен технички преглед, како и за опремување со сета потребна дополнителна опрема, како што стои во Законот за техничката инспекција.
Според Законот за техничка инспекција, за да биде исправен, лифтот треба да има двонасочна комуникација, врати со заштита, паник-светла, а ваквите интервенции чинат помеѓу 2.500 и 5.000 евра и ретко кој од лифтовите ги исполнува.

Во моментов според надлежните 80 проценти од лифтовите во земјава се водат како технички неисправни поради премногу строгите стандарди што треба да се исполнат за безбедно функционирање. Техничките контроли на лифтовите што се спроведуваат еднаш годишно, ги вршат пет компании во земјава, додека за месечното сервисирање се регистрирани повеќе од 20 фирми. Сите лифтови чие инсталирање почна по 1 јануари 2016 година, мора да бидат надградени и заштитени од неконтролирани движења на кабината по барање од надлежното Министерството за економија. Законската обврска произлегува од дополнување на Правилникот за користење лифтови и транспортери, кој е од 2009 година и се однесува на примена на стандардите за безбедност во согласност со Законот за техничка инспекција.

На оваа одлука своевремено реагираа и управителите, кои побараа промена на регулативата и интервенција од државата. Според Правилникот за техничка исправност на лифтовите, нормите што треба да ги исполнат лифтовите за да добијат решение за употреба се многу високи, односно, за да се исполнат стандардите потребно е да се вложат многу пари. Трошоците за интервенција, кои целосно ќе паднат на товар на граѓаните, изнесуваат минимум 2.000 евра, годишниот технички преглед на лифтовите чини од 3.000 до 5000 денари, во зависност од видот на лифтот, додека поставување нов лифт, во кој се вградени сите потребни инсталации чини од 15.000 до 20.000 евра. Доколку се земе предвид финансиска состојба на граѓаните, како и фактот дека станарите не се секогаш подготвени да учествуваат во колективните трошоци, тешко би можело да се очекува дека тие самите ќе можат да се погрижат за безбедноста на лифтовите. Од друга страна, и лиценцираните управители не можат да ја преземат одговорноста за лифтовите, во услови кога нивната безбедност е поврзана со финансиската моќ или немоќ на станарите. На пример, во зградите со стари и дотраени лифтови, каде што живеат граѓани со ограничени финансиски можности, тешко дека тие самите ќе смогнат сили да ја финансираат инсталацијата на нов лифт, кој чини 20.000 евра.

Законот што ги регулира надлежностите во овој домен, предвидува строги казни чија цел е да превенира можни несреќи, но и понатаму одвреме-навреме слушаме за несреќни случаи во лифтовите, кои резултираат со посериозни повреди или во најлошиот случај со смрт. Таков е случајот од минатата година, кога во Куманово загина шестгодишно дете, возејќи се во лифт без заштитна ограда. Според истрагата блокада на заштитната лизгачка врата на лифтот, била директна причина за несреќата. Покрај овој трагичен случај, македонската јавност ја вознемирија и други такви несреќи, а во меѓувреме се поведе и еден судски спор. Станува збор за трагичен настан од пред десетина години во кој девојка доби сериозни повреди откако лифтот во кој се возела паднал од четвртиот на првиот кат.

Ваквите несреќи се сериозна опомена за потребата од редовно сервисирање и контроли на лифтовите во земјава.
Кога сето ова ќе се земе предвид се наметнува впечатокот дека не е доволно само да се донесат измените во законот за домување за да се зголеми безбедноста на лифтовите. Во услови кога граѓаните не можат сами да излезат накрај со тековното одржување можеби треба да се бара нов начин по кој сите лифтови во земјава ќе станат безбедни за користење.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail