Билјана Серафимовска: Качувањето на највисоките врвови има физички и духовен аспект

biljana1-640x426.jpg

Најубавото изгрејсонцето кое што сум го видела беше на Gilman’s point-5 681 метри надморска височина! Се простираше под нас и полека ноќта беше сменета од прекрасните зраци на сонцето и целиот хоризонт блескаше, објаснува Билјана Серафимовска. Таа ги има видено најубавите изгрејсонца на највисоките планини во светот и го започнува денот токму со првиот сончев зрак-во 5 часот наутро. Здрав појадок и трчање на Водно. За да се биде успешен планинар, потребно е посветеност, правилна исхрана но и квалитетен тренинг на телото и умот, вели Билјана.

biljana1

Билјана Серафимовска (25) е амбасадорот на македонското планинарство, амбасадор на здравото тело и ум и најмладата Македонка која го искачува највисоките врвови во светот.

Со неа имавме можност да разговараме на само неколку дена откако се врати од последната експедиција, искачување на највисокиот врв во Африка-Килиманџаро (5 895 м.) Насмеана и позитивна, Билјана ни раскажа за нејзиниот живот, возбудливите експедиции како и нејзините идни планови.

unnamed

Од каде потекнува желбата за планинарење?

Уште многу, многу одамна… Мојот татко Серафим, беше дел од првата Македонска Хималајска експедиција за освојување на Монт Еверест во 1989 година, како и многу други сериозни експедиции. Нивната генерација беа најдобрите алпинисти во историјата на Македонија. Јас растев во таква спортска атмосфера, патувавме цело семејство заедно, за припремите на татко ми, па се се’ случи многу спонтано. Потоа со брат ми трениравме спортско качување, патувавме низ светот и можам да кажам дека имав едно прекрасно детство.

Ти си најмладата Македонка која се има искачено на Мон Блан, раскажи ни го тоа искуство.

Леле, тоа беше пред речиси 9 години!

Мојата прва љубов беше спортското качување. Со брат ми имавме наша болдер вежбална каде трениравме. Тој е еден од ретките Македонци кој качува 8б на природна карпа и многу години беше шампион во сите дисциплини, а пак јас неколку години бев шампионка во Македонија и вице-шампионка на Балканот во тежинско качување за 2006 година.

Следната година одлучив дека сакам да го искачам Мон Блан и тоа тогаш беше голем сон, зашто бев само 16 години. Таа експедиција беше мојата прва која ја направив заедно со татко ми. На мајка ми мислам дека не и беше сеедно што и јас посакав да качувам врвови, толку мала. Тогаш заедно со Елена Костовска го искачивме врвот и поставивме нов македонски рекорд.

Сега Мон Блан го чувствувам како тренинг и реално таму брзински се подготвувам, но има многу голема разлика кога сум качувала врвови на 16 години и кога качувам сега. Затоа што децата потешко се прилагодуваат на височините и е потребно подолго време, но и секако тогаш не си толку умствено силен и развиен, како што си во 20-тите години.

14037711_962068137238283_765731671_o

Како се подготвуваш за експедиција. Дали бара секојдневен тренинг, посебен режим на исхрана, медитација?

Тоа секако зависи за каква експедиција. Но исхраната, добрата кондициона спремност и умот се есенцијални за да се качиш на висок врв, но да се чувствуваш силно и свесно, а не премногу исцрпено и уморно – зашто сепак и тоа треба да биде и некој вид на уживање. Не е само да се искачи врвот, треба да можеш и да се вратиш безбедно од него.

Јас имам малку посебен биоритам, зашто покрај тренирањето имам и други обврски во текот на денот. Така, станувам рано наутро во 5 часот наутро, имам два тренинзи на ден наутро и пладне. Еден е трчање, возење велосипед низ планина, а другиот е секогаш истегнување, тоа трае околу еден час. Потоа, моите оброци во текот на денот се многу балансирани и јадам 80% сирова храна, а само за  вечера некогаш јадам печени или варени зеленчуци и киноа. Не јадам продукти од животинско потекло  и продукти со глутен, пијам органски витамини и минерали, суперхрани, пробиотици, околу 3 литри вода – која е алкална и изворска и обожавам масла и дома ги имам во изобилство! Најомилени ми се масло од авокадо – што го ставам речиси во се, како масло од семки од грозје, квалитетно арганово кое ми го праќаат од Мароко, маслиново масло, кокосово масло за и масло од семки од тиква. Тие се идеални за кардиоваскуларниот систем.

И така , кога целото тело е во баланс, хормоните и невротрансмитерите, така и умот е во баланс и качувањето е секако полесно.

Пред  подолга експедиција се трудам да јадам повеќе и да имам неколку килограми повеќе, зашто на планина секогаш се ослабува.

received_1049560701779402

Пред една недела го искачи Килимаџаро, раскажи ни накратко за твојата последна експедиција.

Нашето искачување траеше 6 дена, а симнувањето 2 дена. Се искачувавме од 1 828 метри, до 5 895 метри и тоа е голема висинска разлика. Но секако Килиманџаро претставува планина која ја има највисоката висинска разлика во светот помеѓу подножјето и врвот цели 4 600 метри! Технички оваа планина не е тешка, но висински секако е тешка и затоа е важно да се има соодветна и добра аклиматизација. Висината најмногу почнува да се чувствува околу Кибо кампот на 4 709 метри и затоа се препорачува се почитуваат сите правила за исхрана, движење, спиење и правилна аклиматизација. Последниот ден искачувањето е од Кибо кампот 4 709 метри до Ухуру 5 895 метри,  или околу 1200 метри надморска височина во еден ден и баш поради тоа многу е важно да се има идеална аклиматизација, за да не се почувствуваат симптомите на висинска болест (како повраќање, вртоглавица, тахикардија, губење на апетит, потреба за спиење ).

Ова беше навистина една прекрасна експедиција! Бевме многу јак тим. 10 луѓе од Србија, Босна, Чешка, Холандија и јас од Македонија. Имаше многу убава енергија во тимот. Нашиот водич Кенан Муфтич, има реализирано многу експедиции на Килиманџаро и секогаш неговите тимови се качувале на врв. Така и сите ние, 10 луѓе, бевме на покривот на Африка. Тој е единствениот водич чии тимови имале 100% излезност на Килиманџаро во последните 4 години.

_MG_9298

Инаку планината е многу чудесна, Килиманџаро, освен што е  највисока планина во Танзанија, таа е и на целиот континент Африка. Највисокиот врв Ухуру е висок 5 895 метри надморска височина. Има повеќе пристапи од каде може да се искачува Килиманџаро, како на пример Марангу, Мачаме, Лондороси … Сите тие имаат многу различни сценарија и секој нов ден кон врвот е различен. Исто така во зависност од времето кое го имате, зависи и бројот на денови за искачување.  Во подножјето на планината има многу ниви со дрвја, како манго, авокадо, банани. Може да се сретнат и најголемите дрвја во светот – баобаб. Потоа продолжува со бујна, дождовна шума – како џунгла, потоа над 3000 метри се простираат пасишта слични како алпските пасишта, па потоа започнува пејзаж сличен како да си на месечината се до врвот, и навистина некогаш се прашуваш дали си навистина на планетата Земја?

G0600856

Можеш ли да ни ја доловиш глетката која се простира пред тебе кога си на врвот на некоја планина?

Доколку времето е убаво, тоа е секогаш неверојатно и секогаш е различно! Сега на Килиманџаро беше како да си дел од друга планета и како да чекориш во друг свет. И имаше некоја мистичност и неверојатен мир, зашто изгледа како да не е реално и тоа го прави навистина чудесно.

На Хималајските врвови глетката е секогаш прекрасна затоа што околу тебе секогаш се издигаат преубави снежни врвови кои блескаат од сонцето, со многу облаци наоколу.

Кога после долгото искачување ќе стигнеш на врвот и ќе погледнеш околу себе, тогаш сфаќаш дека целиот умор, неспиење и исцрпеност вредело и во тој момент не постои нешто поубаво во светот!

Untitled-1

Како се справуваш со тешките моментите за време на експедициите?

Понекогаш има и тешки моменти. Најчесто тоа е последниот ден кога се прави искачувањето на врвот. Се станува околу полноќ со цел да се стигне на врвот рано наутро и да можеме да се спуштиме во последниот камп се додека е светло. Зависно од врвот, се искачува околу 1000 метри висинска разлика или повеќе и се трае околу 13 часа.

Тоа можеби психички е најважниот дел, зашто се качуваш навечер, па е и поладно, а понекогаш е можно да ти се спие – зашто нашето тело е научено да спие навечер. И сега на 6 000 метри, 7 000 метри висината повеќе се чувствува и понекогаш има тешки моменти. Но тогаш се присетуваш за што си дошол тука. Знаеш дека сонцето ќе изгрее наскоро и качувањето ќе стане полесно и ќе стане потопло. И така одминуваат тие моменти на криза. И кога веќе се приближуваш кон врвот, се заборава на болката, на смрзнувањето на прстите и се радуваш за се сите искушенија кои си ги победил во себеси и не си се откажал. Навистина, некогаш качувањето не е само физички, а има и духовен аспект.

Што е потребно за некој да биде успешен во искачувањето на највисоките врвови во светот?

Најпрво е волјата. Потоа, да се биде физички спремен и секако ментално. Но горе во височините сепак преовладува умот и затоа за да се успее, мора да веруваш и да ги контролираш телото и чувствата.

14060527_10154383748072071_964298095_o

Кои се твоите идни планирани експедиции?

Наскоро планираме неколку нови авантури. Следната нова експедиција е на Хималаи. Тоа ќе биде многу интересна експедиција и ќе бидат потребни поспецифични подготовки, зашто врвот е технички. Наскоро ќе има повеќе информации за оваа експедиција.

Покрај љубовта кон планините, дали има уште нешто што го сакаш и те мотивира исто како планините?

Сега ја завршувам магистратурата по клиничка психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет “Гаврило Романович Державин” по една програма која се одвива во Македонија и Русија. И многу сум фокусирана како да развиеме програма со која ќе успееме, со помош на исхрана и  соодветен спорт да им помогнеме на луѓето да се чувствуваат подобро и порадосно, балансирајќи го хормоналниот статус во телото.

Покрај моите студии, многу сакам и да патувам на места каде никогаш не сум била, да експериментирам со сирови рецепти, да читам книги, да трчам.

biljana

Еден малку поинаков дел од мене, е секако мојот удел во создавањето на проектот Healthy Food by ZEGIN, каде заедно со компанијата Зегин отворивме 25 продавници за здрава храна низ цела Македонија и две години бев фокусирана на тој проект. И излезе навистина убаво. Сакавме да понудиме нешто ново, да донесеме нови брендови во нашата земја кои се водечки низ светот и така да почне да се развива овој стил на живот во Македонија. Јас навистина верувам дека исхраната е многу важна за да бидеме здрави и силни, и затоа длабоко се надевам пополека да започнат да се менуваат нашите животни навики и да ги научиме луѓето дека е модерно и важно да се биде здрав и силен, за да можеме да се посветиме на есенцијалните задачи во животот и да напредуваме. Но за тоа да се случи, мора да се чувствуваме здрави! А тоа секогаш е најлесно кога се храниме здраво, спортуваме, ги исфрламе токсините од телото и размислуваме позитивно.

За крај која е пораката која сакаш да ја испратиш на младите во Македонија?

Ништо не е невозможно! Имаме време со кое располагаме, имаме свои дарови и треба да се трудиме да ги искористиме максимално. Да не се плашиме да сонуваме и повеќе да остваруваме. Затоа што,нема задоволство во мали победи. Секогаш да се трудиме да бидеме најдобри што можеме да бидеме и да помагаме онаму каде што е потребно со нашето знаење. Да живеат здраво и чисто и да не забораваат дека животот е убав!

IMG_20160808_074903

Билјана Серафимовска е член на ЗСКК “Но Лимитс” – Струмица. Со спортско качување и планинарење се занимава од нејзината шеста година.

Билјана неколку години по ред беше шампионка во спортска ориентација и во спортско качување во Македонија и пет години дел од македонската спортско качувачка репрезентација.  Во 2006 година стана Вице-шампионка на Југо-Источна Европа во спортско качување на првенството во Волос – Грција.

Нејзиното искачување на Island Peak се смета за многу значајно зашто е меѓу најмладите од Европа кои го искачиле овој врв, а нејзините рекорди на Мон Блан и Елбрус се уште не се надминати!

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail