Блокиран интернетот за да не препишуваат учениците

etiopija.jpg

Деновиве околу 1.2 милиони 12-одделенци во Етиопија полагаат државна матура, а уште над 200.000 10-одделенци се подготвуваат за државни тестирања, па властите решија да го блокираат пристапот до интернет, наведуваат извори од земјата.

Според извештајот за транспарентност на Google, излезниот интернет сообраќај од Етиопија бил исклучен околу 4 часот попладне во вторникот, а наводно вратен во средата утрото, иако некои извори велат дека пристапот и понатаму останува блокиран или е страшно нестабилен.

Главната причина, веројатно, е стравот на властите дека постои можност тестовите да „протечат“ на интернет, како што се случи лани кога активисти ги објавија прашањата за тестовите за 12-одделенците, повикувајќи на одложување на полагањето поради едно затворено училиште во регионалната држава Оромија. Се смета дека ова гасење на интернетот, трето годинава, е превентивна мерка на владата за да не ѝ се случи истото од лани.

Претходните две беа од истите причини – едното во јули, другото во август – кога беше блокиран голем дел од интернет сообраќајот. Овој пат блокадата е целосна – што е преседан. Настрадаа банките, настрадаа бизнисите, болниците и сите други на кои интернет пристапот им е неопходен.

Етиопија е една од земјите со најмала стапка на пристап до интернет, а во земјата постои само еден, и тоа национален интернет провајдер. Блокадите на интернет и социјалните мрежи не се новост во Етиопија, бидејќи и претходно земјата ги користеше за да спречи политички протести. Од ноември 2015-та, пишува Quartz, убиени се повеќе од 500 антивладини демонстранти, а илјадници други се уапсени, поради барања за реформи на земјиштетото и крај на кршењето на човечки права. Владата тогаш одговори со прогласување на вонредна состојба, го изгаси мобилниот интернет и ја забрани употребата на социјалните мрежи за документирање на протестите во земјата. Месецов етиопскиот суд осуди политичар од опозицијата поради Фејсбук постови во кои ја критикувал владата.

Според експертите, гасењата на интернетот се одразуваат врз етиопската економија со загуба од милиони долари.

Блокирање на веб-сајтови и интернет пристап не е карактеристично само за Етиопија. Алжир исто така забрани пристап до социјалните мрежи лани откако беа објавени прашањата за тестовите. Национални интернет блокади сé повеќе се користат за да се задушат политичките дискусии и протести. Лани тоа го направија и Уганда, Конго и Камерун; а news-feed-овите на корисниците им ги блокираше и Турција.

Во резолуцијата исто така донесена лани, Советот за човекови права на Обединетите Нации ги прогласи рестрикциите на интернет пристапот за кршење на човековите права.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail