Цела Европа се сели во една земја

frankfurt.jpg

Големи миграциски движења се одвиваат кај европското население, а резултатите од еден нов извештај прецизно покажуваат каде и зошто

„Евростат“, агенцијата за статистика на ЕУ, неодамна објави извештај кој овозможува подлабок увид во начинот на кој се менува структурата на населението на европскиот континент.

Во морето од детали во овој статистички извештај, јасно се отцртуваат некои позначајни трендови: младите луѓе го напуштаат јужниот дел на Европа, особено руралните средини, во потрага по работа во урбаните области на северозападниот дел на континентот. Тоа создава демографска дупка која може да предизвика драстични падови на подолг рок, пишува авторот Фергус О’Саливен во неговиот текст објавен на порталот „Citylab“.

Статистиката покажува дека руралните области во Европа имаат постаро население, додека пак во главните градови има структура на помладо население, во споредба со земјите во целина.

„Просечната возраст на населението зависи од два поголеми фактора: заминувањето на младите луѓе и ниската стапка на наталитет и секако комбинација од овие фактори. Знам дека некои земји од Централна и Источна Европа, како што се балтичките држави, имаат значителна стапка на миграција, особено на млади луѓе кои се на почетокот од нивната работна кариера“, вели Перн Парусел, експерт за миграција во Европската миграциона мрежа.

Оттука, логично се наметнува прашањето: меѓу падот на наталитетот и високата стапка на младинска миграција, која е главната причина за брзото стареење на некои европски земји?

 

„СТАРИОТ КОНТИНЕНТ“ БУКВАЛНО СТАРЕЕ

Картата погоре јасно покажува дека ниската стапка на наталитет е општ проблем на „стариот континент“. На мапата, Шпанија, Италија, Словачка и Грција се земји кај кои постојано се очигледни ниски стапки на наталитет. Ова веројатно е знак дека луѓето денес избираат да имаат помалку деца од економски причини односно дека има и луѓе кои одлучиле да имаат деца, но ги напуштиле земјите од каде потекнуваат, констатира авторот О’Саливен.

Според О’Саливен, тешко е да се најде автоматска поврзаност меѓу стареењето на населението и стапките на наталитет. Како пример за ова се наведуваат популациите на Литванија и Романија кои стареат многу брзо, а од друга страна двете земји имаат релативно висок наталитет според стандардите во регионот. Оттука, заклучува тој, јасно е дека во овие случаи младинската миграција е главен фактор.

СИТЕ ПАТИШТА ВОДАТ КОН ГЕРМАНИЈА

Па тогаш, која е крајната дестинација за младите Европејци? Извештајот на „Еуростат“ не дава јасни и отсечни одговори на ова прашање, бидејќи во миграциските движења се вклучуваат и случаите на доаѓање надвор од границите на ЕУ, а ваквата бројка особено се зголеми во 2015 година како резултат на мигрантската криза.

 

Сепак, мапата подолу покажува дека во рамките на ЕУ, Германија е центарот на гравитација. Во текот на 2015 година оваа земја прифати 1,2 милион мигранти и беше најчестата крајна точка за мигрантските патувања таа година, иако поголем дел од бегалците од војната во Сирија останаа на источните делови на Медитеранот, наведува авторот О’Саливен.

Меѓутоа, би било погрешно да се дозволи ефектите од мигрантската криза да ги замаскираат другите важни и актуелни трендови.

„Секако е точно дека Шведска и Германија примија многу баратели на азил за време на европската мигрантска криза, но Германија е интересен случај бидејќи во оваа земја во истиот период се доселиле и многу државјани од ЕУ“, изјавил експертот за миграциски движења, Перн Парусел за „Citylab“.

Тој додава дека доколку се направи краток преглед на националностите кои се преселиле во Германија во текот на 2015 година, главната национална група е од Сирија, но потоа следуваат Романија, Полска, Авганистан, Бугарија и Италија. На крајот се добива многу мешана слика од луѓе кои доаѓаат од воени зони, но и од луѓе кои доаѓаат од самата Европска Унија.

 

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top