Цените растат во целиот свет и тоа е добра вест… нели ?!

rise.jpg

Од стоките кои ги напуштаат фабриките во кинески индустриски градови, до бензинот во Европа и Америка – цените кои беа ниски со години конечно се креваат. А тоа би требало да е добра вест, нели?

По период во кој централните банкари се измачија со дефлација и прибегнаа до чудни техники како негативни каматни стапки, најлесниот одговор е „да“, пишува Bloomberg. Но дали брзиот раст на цените навистина значи дека светот конечно се излекувал од Големата рецесија, зависи од она што ќе се случува допрва.

Во најоптимистичната варијанта, глобалната економија сега е охрабрена од закрепнувањето на цените на клучни суровини како нафтата и железната руда, а стабилниот раст во САД, чиј претседател наскоро ќе стане Доналд Трамп, ќе ja поддржи побарувачката, платите и инвестициите насекаде.

Во другo сценарио, меѓутоа има голем број политички ризици, почнувајќи од самиот Трамп, доаѓајќи до потенцијални грешки околу излегувањето на Велика Британија од Европската унија, а рефлацијата (стимулирање на економијата преку зголемување на паричната маса или намалување на даноците – н.з.) може да ја притисне потрошувачката, без да го поддржи плаќањето и инвестициите.

„Дел од оптимизмот на финансискиот пазар е ослободен, но политичките ризици остануваат и забрзувањето на глобалната инфлација веројатно ќе се покаже краткотрајно“, вели Џенет Хенри, глобален главен економист на HSBC во Лондон.

Доказ за решителното поместување од опасната зона на дефлација се појави во Германија во вторникот, кога податоците покажаа дека цените за декември скокнаа со цел процентен поен до 1,7% – најдрастичниот раст во историјата. Тоа помогна и на инфлацијата во еврозоната да се забрза со најбрзата стапка од 2013 година.

Во Кина трошоците за производство на стоки го забележаа најбрзото зголемување од 2011 година во ноември, а во САД – најголемата економија во светот, инфлацијата беше 1,4% на годишна основа во октомври и ноември, исто најбрзото забрзување од 2014 година.

„Веруваме дека 2016 година го одбележа крајот на глобалниот дефлациски притисок, кој доминира во последните години“, пишува Мајкл Шол, извршен директор на „Marketfield Asset Management“ во коментар за своите клиенти. А тоа секако е резултат за кој централните банки и владите копнеат.

Во последните глобални прогнози на HSBC, растот и инфлацијата секоја година од 2016 година до 2018 година станува повисока. Банката прогнозира дека инфлацијата во развиените земји ќе достигне 1,9% следната година, што во голема мера е во согласност со дефиницијата за ценовна стабилност на многу централни банки.

Во Јапонија, каде борбата против дефлацијата е особено силна, централните банкари стануваат посигурни дека подобрувањето на глобалната слика ќе им помогне.

„Очекувам Јапонија да направи голем чекор напред кон крај на дефлацијата оваа година со посилна увереност од порано“, рече Гувернерот на Јапонската централна банка Харухико Курода на забава по повод Нова Година на Јапонската банкарска асоцијација во средата.

А во САД ветувањето на новоизбраниот претседател да ги намали даноците и да ги зголеми фискалните трошоци ги зајакна инфлациските очекувања дотаму што ФЕД започна внимателно да следи знаци дали ценовните притисоци, кои се во зародиш, не се случуваат премногу брзо. Многу централни банкари сигнализираат дека ги зголемиле шансите невработеноста да се намали значително под долгорочното природно темпо, покажува стенограмот од средбата во декември.

Како резултат на тоа „може да се наложи комисијата да ја зголемува основната каматна стапка побрзо од очекуваното во моментов, за да го ограничи степенот на постигнување на резултати под целта и да ја ограничи потенцијалната акумулација на инфлациски притисок“, се наведува во стенограмот.

Сликата сепак од далеку не е еднаква и забрзувањето на водечката инфлација може да биде невистинито.

Скептиците велат дека преродбата едноставно го одразува зголемувањето на ниските цени на суровините – т.н.. основен ефект, а не стабилно обновување на основните фактори. Ова несовпаѓање ќе продолжи некое време, вели Дејвид Ман, главен економист за Азија во Standard Chartered во Сингапур.

„Се сомневам дека тоа ќе има долготраен ефект“, додава тој. „Секундарните ценовни ефекти се малку веројатни во средина на слаб глобален раст“.

И навистина, во еврозоната, каде што невработеноста се уште е блиску до 10%, тешко е да се замисли забрзување на водечката инфлација, што ќе доведе до силно зголемување на платата, а тоа од своја страна ќе помогне за создавање на поволен економски циклус. Тоа значи дека дури и главниот индекс на раст на цените да се доближи до целта на ЕЦБ од малку под 2% годишно, „основното“ темпо – без енергијата и храната, може да остане таму каде што е во моментов.

„Структурното обновување ќе трае многу долго време“, вели Анатолиј Аненков, економист во Societe Generale во Лондон. Иако еврозоната докажува дека е отпорна на заканите од доцнењето на Кина до гласањето по „Brexit“, вистинското влијание на излегувањето на Велика Британија од ЕУ најверојатно нема да биде почувствувано уште некое време.

Покрај тоа, не секоја инфлација е добра. Во економии, каде што цените скокаат брзо, корисниците може да ги „затворат“ цврсто своите паричници. Централните банки мора да дејствуваат внимателно додека ја насочуваат монетарната политика, која ги задржува растечките цени, без да го задушува кревкиот раст. А компаниите може да бидат принудени да преземат барем дел од дополнителните трошоци за производство.

Друга потенцијална пречка кон побрза глобална инфлација е ветувањето на Трамп да го намали трговскиот дефицит на САД со Кина преку казнени царини и други мерки кои ризикуваат да наштетат на втората по големина економија во светот и да го запрат обновувањето на инфлацијата.

Барем засега меѓутоа изгледите за глобален раст и инфлација останува оптимистички. Во Европа производствените индикатори се добри, во САД целосната вработеност е или веќе тука, или брзо се приближува.

Тоа ги тера глобалните централни банкари да ја поддржат рефлацијата, макар и со резерви. Претседателот на Европската централна банка Марио Драги во декември резимира што мислат неговите колеги. „Ризикот од дефлација во голема мера исчезна“, рече тој. „Несигурноста сепак преовладува. Несигурноста преовладува насекаде“.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail