Четврти Корона дијалози „Влијанието на новите политички и правни предизвици од пандемијата“

IMG_0acfe57988e72436fb0c87e1c6d15285_V.jpg

Корона дијалозите на УКЛО опсервираа уште една важна тема која го тангира влијанието на новите политички, правни и безбедносни предизвици од пандемијата. Дијалогот се оствари низ повеќе аспекти но и со фокус врз вонредната состојба.

Пандемиската криза ги погоди и судските системи на глобално ниво и во зависност од позиционираноста сите се соочуваат со различни проблеми. Во исклучителната ситуација, владите со право приоритет дадоа на здравството и економијата, но, тие не можат да се „носат“ успешно без владеење на правото, истакна судијата на Врховниот суд, Мирјана Лазаревска Трајковска. Судството и праводудството треба да се гледаат во контекст на глобалната состојба, а во услови кога во државата функционира техничка Влада и нема Парламент што нормално ќе ја врши законодавната улога, судовите треба да се јават како коректори, особено Уставните судови. Во однос на почитувањето на човековите права, таа истакна дека и во вонредни ситуации државите треба да постапат во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и ништо повеќе од тоа и надвор од тоа, без да се излегува од рамките на начелото на владеење на правото.

Проблематизирајќи повеќе актуелни прашања во врска со кризата од аспект на граѓаните, поставеноста на клучните партиски субјекти и одност меѓу науката и политиката, професорот Цане Мојаноски констататира дека од граѓанскиот дискурс во основа се добива преодна оценка, но со одделни „сомнежи“ за недоследности што се исцртуваа по религиски и етнички основи. Во реформирањето на партиските субјекти анализира дека не е направен ниту милиметар и на јавната медиумска сцена се одвива „рововска“ дебата која е потисната со некултура и ниски страсти. Тој се осврна и на прашањето дали сегашниот концепт на креирање политики обезбедува изградба на општество „еднакво за сите“. Корона кризата укажа дека односот меѓу науката и политиката е амбивалентен. Науката, особено општествените и дел од хуманистичките науки како да „уживаат“ во сенка на политиката.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски се осврна кон безбедносните аспекти во рамките на политичките и правни влијанија од предизвиците на пандемијата. Тој презентира и изнесе конкретни податоци произлезени од работата на Главниот штаб во Владата и МВР, со над 500 донесени заклучоци кои се однесуваат на спроведување на уредбите што се однесуваат на МВР, како и политиките и практиките кои полициските службеници и другите лица во Министерството треба да ги спроведуваат како обврска во заштитата и во спроведување на безедносните предизвици во кризата. Тој констатира дека низ призмата на безбедноста не е забележано некое поголемо отстапување или друг безбедносен предизвик. Деканот Дујовски информираше дека Факултетот работи на проект насочен кон следење на состојбите во секторот безбедност и активностите на безбедносните инситуции вклучени во справување со пандемијата и по завршувањето, покрај Извештај ќе се подготви и Студија за тоа како се одвиваа работите во безбедносниот сектор и како во иднина да се постапува во вакви или други кризни ситуации.

Во стручниот осврт кон повеќе актуелни состојби и интерпретации, од гледиште на геополитиката и Ковид -19, деканот на Правниот факултет, Горан Илиќ го нагласи геополитичкото значење на Кина во целокупната состојба. Во анализата тој меѓу другото истакна дека пандемијата овозможи откривање на карактеристиките на новиот свет, и тоа слабост на глобалното управување , посебно во областа на здравството и промена на центарот на гравитација кон Кина и Азија. Корона кризата се појавува пред сè како криза на “капацитетот за антиципација” од страна на меѓународната заедница односно криза на меѓународната доверба и соработка. Пандемијата ја надмина географијата, но ја потврди неспособноста за антиципација, таа ја “вшмука” географската парцијалност, а цел свет стана еден/ист во проблемот, но не и единствен во поглед на справувањето со корона вирусот.

Во излагањето за меѓународните односи и дипломатијата во услови на пандемија професорката Елена Тиловска Кечеџи ги посочи недостатоците во справување како од страна на државите така и од страна меѓународните организации. Пандемијата во целиот свет ги истакна проблемите и недостатоците на државите, на организациите и човештвото во целина и го изби на површина есенцијалното односно колку сме ранливи и кревки. Во таа смисла без оглед на тоа колку се напредни здравствените системи и технологија и колку и да вложуваме, очигледна е неспремноста да се соочиме со пандемијата. Според неа, сето ова ја наметнува потребата од промени во сите сегменти вклучително и во меѓународните односи со особен фокус кон идните глобални предизвици.

Апсолутноста на човековите права, во исклучителни ситуации може да биде ограничена. Правен основ за ова е содржан и во меѓународнтите и во националните правни акти, при што ограничувањата мора да бидат експлицитно определени и точно дефинирани, пропорционални и антидискриминаторски, потенцира професор Мирјана Ристовска. Мерките што се преземаат од страна на Владата со кои се ограничуваат човековите права и слободи мора да бидат насочени кон заштита на здравјето на населението и спречување на сериозни ризици по здравјето на населението. Оттука, од политичко-правен аспект, од битно значење за државите, вклучително и за Република Северна Македонија, во активностите кои ги преземаат „во борбата“ со КОВИД 19, претставува зачувување и зацврстување на човековите слободи и права, како основна темелна вредност.

Завршните зборови од овој настан им припадаа на проф. д-р Цане Мојановски и на судијата Мирјана Лазаревска Трајковска.Модераторот, проф.д-р Марјан Ѓуровски, резимирајќи, истакна дека справувањето на државата со пандемската криза се огледува во повеќе подрачја и во дејствување на бројни чинители. Во новата фаза на справувањето со здравствената криза, успехот на процесот на нормализација зависи од сите нас. Зад нас е еден чуствителен период во кој немавме претходно јасна, со закон утврдена правна процедура за вонредна состојба. Останува дилемата колку со ограничувањето на движењето се навлегува во човековите права и слободи. Дали и демократијата е жртва на пандемијата?! Денес не смееме да дозволиме здраствената криза да прерасне во политичка криза и покрај здравјето на граѓаните значаен сегмент е одржливоста на функционалноста на демократијата во земјата, преку оддржување на фер и демократски избори и владеењето на правото што е посебен предизвик на кој особено треба да се внимава. Нестабилната политичка состојба може да го загрози функционирањето на институциите. Инаку во земјата социеталната идентитеска безбедност е загрозена поради несоодветното менаџирање на односите со верските заедници и религиозни групи и за жал пандемијата потврди дека сеуште сме поделено општество по верска и етничка основа . Како резултат на отпочнатиот процес на деглобализација и крутата европска реакција на пандемијата може да бидеме сведоци на повторно јавање на популизмот и национализмот во Европа и овој дел од Западниот Балкан. Поради тоа има опасност од појава на авторитарни режими во некои од земјите од Западен Балкан доколку запре процесот на европски интеграции и не се пробудат меѓународните организации. Од тука недостасуваат прагматични реформатори и јавни политики кои ќе застанат на ширењето на популизмот и национализмот кој во земјите во транзиција може да го забави развојот кој е на удар и од економската криза која ни престои. Инаку во однос на безбедносниот систем преку ад-хок решенија се овозможи функционирање на безбедносниот систем во услови на вонредна состојба по чие завршување многу нешта треба да се менуваат

Корона дијалозите на УКЛО беа органиирани во соработка со Факултетот за безбедност и Правниот факултет.

Иницијатор и водител на Корона онлајн дијалозите е проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски. Серијалот, со нова, актуелна тема, продолжува наредната среда.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail