Човекот кој од хотел создаде митско место

187808-chovekot-shto-od-hotel-napravi-mitsko-mesto.jpg

Во хотелот Челси свои дела напишале Боб Дилан, Коен, Џек Керуак, Вилијам Бероуз. Имало и помалку познати уметници кои со години живееле тука како потстанари под „спонзорство“ на хотелскиот менаџер. Тој деновиве почина, на 82 години, носејќи ги со себе и бројните приказни кои се граничат со митови.

Хотелот Челси, сместен на Западната 23-та на Менхетен, некогаш бил највисоката зграда во околината. Викторијански објект, со балкони со оков од цветни вињети, како за Њујорк е со скромни 12 спратови. Според повеќето градски водичи има 250 соби, но неговиот горд менаџер Стенли Бард дури 400. Во нив не престојувале обични туристи, туку била испишувана неколкудецениска културна историја.

Низок и „измазнет“, Стенли Бард го водел хотелот енергично, но и со неверојатна попустливост кон дел од гостите. По телефон го менувал неговиот сленг од Бронкс со изговор на англиски батлер. Хотелското лоби го красела неговата уметничка колекција, летечки скулптури од хартија, портрет на коњ и многу голотија. Дури и на оние гости кои никогаш претходно немале слушнато ништо за ова место, набргу им станувало јасно дека ова е посебен хотел.

Покрај туристите на кои им наплаќал повеќе, повеќето гости биле уметници и писатели кои едвај сојувале крај со крај. Две третини не биле ни гости, туку долгогодишни жители. Во 1970-тите месечната кирија за нив била само 60 долари. Но дури и тие пари некогаш им биле многу, па Стенли морал да им позајмува и да ги храни. Во просек ваквите станари останувале по девет години. Композиторот Вирџил Томсон останал 50. Уметниците доаѓале да пишуваат и да сликаат, голем број од нив да пијат и да кршат, а некои за тука и да умрат.

Помеѓу другите имиња во Челси престојувале: Џек Керуак, Ален Гинзберг, Вилијам Бероуз, Џексон Полок, Леонард Коен, Џенис Џоплин, Стенли Кјубрик, Џими Хендрик, Жан-Пол Сатр, сите жени поврзани со „Фабриката“ на Енди Ворхол. Боб Дилан пишувал песни во апартманот 211, Мадона во собата 822, Вуди Ален снимил три филма на сивите мермерни скалила.

Освен славата на самиот објект, овие луѓе ги привлекувал и самиот Стенли, кој имал политика на немешање во приватните животи на неговите гости. Тие смееле да го менуваат мебелот, да стават свои тапети, да садат палми, да чуваат деца или миленици. Се чистело еднаш неделно, а кога Артур Милер, кој престојувал тука рехабилитирајќи се од бракот со Мерлин Монро, се бунел што никој не доаѓа да помине со правосмукалка, Стенли многу се изненадил. Тој сметал дека собата е „во совршена состојба“.

Во хотелот се случувале разни скандали – пожари, самоубиства, убиства, но менаџерот го сметал ова за дел од приказните на неговите откачени станари, кои се повредувале само меѓусебно, но никогаш и вработените или другите гости. Да, поетот Дилан Томас тука ги проживеал последните часови по испиени 18 чаши виски, но ги испил на друго место, а умрел во болница. Девојката на Сид Вишс, Ненси Спунген умрела од убоди со нож во нивната соба, но и ова влегло во легендите. Сите овие приказни само ја зголемиле посетеноста, луѓето кои заминувале постојано се враќале, освен оние кои никогаш не заминале.

Самиот Стенли не живеел во хотелот, иако на некој начин бил негов семеен дом. Го купил татко му со други двајца унгарски Евреи по војната, со заем од Емигрантската банка во соседството. Тогаш зградата била во лоша состојба, па детските авантури на Стенли вклучувале истражувања зад „кулисите“ со хотелскиот водоводџија, или возење нагоре-надолу со љубезниот лифт-бој.

Хотелот имал срце и душа, но немал бизнис план. Комерцијално почнал да опаѓа, па во 2007 неговиот управувачки одбор одлучил да го реновира и да го пензионира долгогодишниот менаџер. Иако живеел богато и долго, Стенли можеби ќе поживееше уште некоја година да не му беше ускратена убавината која ја создаваше целиот живот, заради самата неа.

Виртуелна тура низ хотелот со Стенли:

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail