Црви кои јадат пластика – можно решение за справување со пластичниот отпад

C-sar-Hern-ndez_CSIC_Gusanos-pl-stico.jpg

Гасениците кои всушност се ларви од т.н восочни молци се познати по тоа што преживуваат со конзумирање на пчелен восок што ги прави голем штетник за одгледувачите на пчелите.

Д-р Федерика Бертокини која се занимава со пчеларство и воедно е истражувач при Шпанскиот национален истражувачки совет, открила дека конкретен вид на гасеници имаат апетит за пластика кога ги отстранила овие штетници налик на црви од своите пчеларници. Откако ги отстранила црвите, ги складирала во пластичен сад но тие наскоро успеале да излезат гризајќи го истиот.

„Кога се вратив во просторијата каде ги оставив црвите во еден пластичен сад, видов дека тие беа распространети насекаде што значи дека изгризале дел од пластиката.“, изјавила Бертокини.

Toa ја инспириралo да го доистражи однесувањето на овие црви како и потенцијалните бенефити кои би ги донеле во справувањето со огромните количини пластичен отпад.

 

Се проценува дека околу 12 милиони тони пластика завршуваат во океанските води годишно. Просечен човек користи околу 200 пластични ќеси годишно, а на секоја од овие ќеси ѝ е потребен период 100 до 400 години да се разгради во депонија.

Во соработка со научници од Универзитетот во Кембриџ, Бертокини лансирала студија со цел да открие дали овој вид на гасеници, Galleria mellonella, можат да помогнат во справувањето со пластичниот отпад. Резултатите биле ветувачки, со тоа што експериментите покажале дека инсектот може да ги разгради хемиските врски на пластиката на сличен начин како што се храни со пчелниот восок.

Црвите не ја џвакаат директно пластиката, туку со ензимот кој го поседуваат можат да разградат полиетилен кој е еден од најтешките за разградување и најупотребуван полимер за производство на пластичните ќеси.

Раководителите на проектот, д-р Бертокини и д-р Паоло Бомбели, го патентираа откритието и се надеваат дека ќе можат да спроведат и дополнителни истражувања околу ензимот за да понудат практично решение за справување со пластичниот отпад. Постои можност да се екстрахираат гените од ензимот и да се вметнат во генетски модифицирана бактерија или морски организми кои ќе ја разградуваат пластиката во океаните и на копната.

„Планираме ова откритие да го претврориме во ефикасен начин за отстранување на пластичниот отпад и да ги спасиме океаните, реките и животната средина“, изјави Бертокини за BBC.

Но таа исто така алармирала дека „не треба да се чувствуваме оправдано кога фрламе полиетилен во животната средина само поради фактот дека ќе постои нешто што ќе може биолошки да го разгради.“

Стравувајќи дека пластиката во океаните наскоро може да го преплави Атлантскиот океан и сериозно да го загрози морскиот живот, намалувањето на пластиката во депониите и во океаните треба да биде светски приоритет. Војната против пластиката започна со тоа што некои држави веќе преземаа значајни чекори за нејзино отстранување така што одредени индивидуалци и брендови креираат иновативни решенија за намалување на пластичниот отпад во водите.

извор: inovativnost.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail