Да одиш на крстарење е како да дишиш скопски воздух во зима

krstr.jpg

Крстарењето може да биде убаво искуство, ама ако гледаме од аспект на здравјето, подеднакво „убаво“ може да биде и прошетка низ Скопје во деновите кога воздухот е најзагаден. Башка што крстарење на брод е и нееколошко, велат пар професионалци откако спроведоа специјална истрага.

Зборуваме за тајната анализа нарачана од P&O Cruises – најголемиот британски оператор со крстарења, која покажа дека воздухот на крстосувачите е позагаден и од воздухот во големите градови. Излегува дека ограничениот простор на бродот буквално ги концентрира штетните честици околу себе. Анализата (спроведена од Dispatches) посебно се фокусирала на „ултрафините честици“ во воздухот во и околу бродот, кои се ослободуваат од горивото што го користат моторите.

Така на пример, на бродот Oceana на P&O Cruises, кој пренесува и до 2.000 патници, во воздухот на палубата околу оџаците на бродот (како и во насока на ветерот) се измерени 84.000 ултрафини честици на сантиметар кубен. Непосредно до оџаците, пак, количината на штетните честици е уште поголема – измерени се 144.000, но достигнуваат и до 226.000 честици на сантиметар кубен. Ова е двојно и кусур повеќе од просекот измерен (со истиот апарат) во централен Лондон – 38.400 ултрафини честици/cm³. Метју Локсхам, од Dispatches, истакнува дека во одредени делови на бродот нивото на загадувачки честици е толку големо што со право би очекувале да го најдете во некои од најзагадените светски градови, како Шангај, Делхи и др.

Прочитајте и:  Обединети нации: Рекордна концентрација на CO2 во атмосферата

И да, овие честици се штетни и за здравјето, и за животната околина. Дури и кратка изложеност може (иако шансите се релативно мали) да предизвика респираторни симптоми, особено кај астматичари и луѓе со кардиоваскуларни заболувања. Што се однесува до членовите на екипажот на бродовите, кај кои изложеноста е безмалку постојана, регистрирани се симптоми „кои допрва почнуваме да ги сфаќаме“, вели Локсхам.

Од еколошки аспект, пак, бродовите не само што предизвикуваат гринхаус емисии (т.е. емисии на стакленички гасови, нели), туку исто така ослободуваат и сулфур оксиди, азотни оксиди и веќе наведените честици. Во еден ден, еден крузер може да ослободи загадувачки честици во количина што е еквивалентна на 1 милион автомобили. Или, со зборовите на Даниел Рајгер – член на тимот на Dispatches, 30 крузери загадуваат колку сите автомобили во Велика Британија.

Џон Магс, уште еден член на тимот, делумно објаснува на што се должи толку големото загадување што доаѓа од бродовите. Повеќето големи бродови, вели, користат „тешко гориво“. Откако рафинериите ќе го произведат петролот и дизелот кој го користиме за автомобилите, останува одреден отпаден материјал, наречен „отпадно гориво“, т.е. „тешко гориво“. Бродската индустрија го преферира токму таквото гориво, бидејќи е поевтино. Проблемот е што содржи многу сулфур, што и те како се одразува негативно врз животната средина, а ете, и здравјето.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail