Дали Битолчани кога ќе погледнат низ прозорец гледаат зелено или сиво?

Свеста и совеста на луѓето сѐ повеќе се менува, па така ни станува јасно дека многу работи зависат од нас. Сѐ повеќе размислуваме за нашиот однос и нашите постапки кон животната средина, бидејќи секојдневно сме сведоци на светски катастрофи кои се случуваат како последица на непримерно и неконтролирано дејствување.

Четворица студенти од ФИНКИ во рамки на предметот Медиуми и комуникации направија истражување за јавното зеленило во град Битола. За таа цел беше спроведена анкета која траеше 5 дена, а на неа одговорија 362 испитаници.

Целта на анкетата беше да се соберат ставовите на граѓаните за тоа колку се задоволни од јавното зеленило во градот, нивната проценка на моменталната состојба, да се утврдат причините кои довеле до соодветната состојба и каде да се бара помош за подобрување на состојбата.

Подолу следи илустрација на одговорите на анкетата заедно со дел од прашањата.

Прашањата поврзани со животната средина се многу важни за Битолчани. Најголем дел од нив (со одговор тотално се согласувам) сметаат дека состојбата со јавните паркови и зеленила е лоша (43,9%), дека нема доволно зелени површини (86,7%), дека прекумерната урбанизација влијаела врз нивно уништување (91,7%), дека главни причини за лошата состојба се недоволната соработка на институциите, недоволното ангажирање на комуналните претпријатија и прекумерната урбанизација. 67,6% од испитаниците тотално се согласуваат дека инвеститорите треба да обезбедат зелен појас околу објектите кои ги градат, но и дека е потребно да се организираат акции за засадување на дрвја барем два пати годишно (63,2%). Прекумерното сечење на дрвја го влошува квалитетот на воздухот и предизвикува ерозија на земјиштето, а сето тоа има директен ефект врз здравјето и квалитетот на животот (тотално се согласуваат 44,2%). Доколку се јави проблем поврзан со животната средина 51,3% би се обратиле на општинскиот комунален инспектор.

Она што може да се заклучи од анктетата е дека Битолчани воглавно не се задоволни со состојбата со јавното зеленило во градот. Нивните одговори за тоа што мислат околу состојбата со јавното зеленило најчесто беа: дека нема доволно јавно зеленило во градот, дека населбите кои се подалеку од центарот се во уште полоша состојба во поглед на уредено јавно зеленило, дека сечењето на шумата кај касарната за да се изградат згради беше катастрофа за градот, дека инвеститорите треба да обезбедат зелен појас пред секоја зграда што ќе ја прават, дека и комуналните претпријатија, но и граѓаните имаат удел во лошата состојба, дека треба казни за сите несовесни граѓани кои уништуваат јавно зеленило, дека се потребни маалски паркчиња, или како што најсликовито објасни еден испитувач-премногу асфалт, премалку дрвја, јас сум за по две дрвја на еден жител.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail