Дали храбро ќе одиме таму каде што никој не бил – Телепортација денес фотонски честички, утре луѓе?

teleportacijaaa.jpg

Меѓутоа, за многумина телепортирањето претставува нешто многу поегзотично. Дали светот што претходно беше присутен само во научната фантастика сега станува реалност?

Па, на некој начин да. Но најверојатно нема во скоро време да се телепортираме до канцеларија или до плажа на Бахамите. За жал.

Како функционира?

Едноставно кажано, телепортацијата ја пренесува состојбата на едно нешто, наместо да го испраќа самото нешто.

Некои физичари го даваат примерот со факс-машината: таа испраќа информации за знаците на едно парче хартија, а не самата хартија. Примачот на факсот ја добива информацијата и ја става на нов материјал во вид на хартија што веќе е таму.

Ова не е телепортација во смислата на „Ѕвездени патеки“ – пренесување на материјата од едно до друго место – како што толку многу луѓе инстинктивно го сфаќаат, вели Би-си-си.

Наместо тоа, ова се базира на феномен познат како квантна заплетканост.

Што е квантна заплетканост?

Феноменот се јавува кога две честички се создаваат во исто време и место и така всушност го имаат истото постоење.

Оваа заплетканост продолжува дури и кога фотоните потоа ќе се одвојат. Тоа значи дека ако еден од фотоните се промени, се менува и другиот фотон на другата локација.

Професорот Санду Попеску, од Универзитетот Бристол, работи на квантната заплетканост уште од 1990-тите.

„Дури и тогаш луѓето мислеа на Ѕвездени патеки. Но ние зборуваме за испраќање на состојбата на една единствена честичка, а не на милијардите милијарди милијарди честички од кои се состои еден човек“, вели тој.

„Ако мислите на некоја далечна планета, прво ќе треба да размените милијарди заплеткани пара честички, а потоа и да испраќате други информации. Ова е многу тешко. Луѓето не треба многу да се возбудуваат“.

Како можам да телепортирам честичка?

Ајде да се вратиме на нашите две заплеткани честички. Ако некоја трета честичка дојде во сооднос со првата заплеткана честичка, промената што се јавува во заплетканата честичка се огледува во нејзиниот близнак.

Значи близнакот ја содржи информацијата за третата честичка и ефективно го зазема нејзиното постоење.

Звучи супер, па во што е проблемот?

Невозможно е да се создаде врска на долги растојанија помеѓу две заплеткани честички, бидејќи заплетканиот фотон може да патува само околу 150 километри по оптички канал пред да биде апсорбиран.

Истражувачите долго време го разгледуваат потенцијалот на сателитската врска, бидејќи фотоните можат полесно да патуваат низ вселената, но тешко е да ги пренесат низ атмосферата на земјата – променливите атмосферски услови може да ги скршнат честичките од патеката.

Што постигна кинескиот тим?

Тие во својата лабораторија во Тибет создадоа 4.000 пара квантно заплеткани фотони по секунда и испратија по еден од фотоните од секој пар во зрак светлина кон сателит наречен Мициус, именуван по древен кинески филозоф.

Мициус има чувствителен фотонски приемник што може да ги детектира квантните состојби на единечни фотони испратени од земјата. Во нивниот извештај – објавен на интернет – се вели дека ова е првиот таков линк за „веродостојна квантна телепортација на ултрадолго растојание“.

Кинескиот сателит Мициус е опремен со чувствителен фотонски приемник

„Тоа е многу фин експеримент – јас немаше да очекувам сè да функционира толку брзо и толку лесно“, вели професорот Антонио Зилингер од Виенскиот универзитет, кој го подучувал водечкиот научник од Кина, Пан Џианвеи.

Ако не можете да телепортирате луѓе, зошто ова е возбудливо?

Основната цел на квантната телепортација во моментов е создавање комуникациски мрежи што не може да се хакираат.

„Законите на природата нудат заштита“, вели Професку. „Ако некој почне да ги пресретнува информациите, вие ќе го забележите тоа, бидејќи секогаш кога се обидувате да набљудувате некој квантен систем, вие го нарушувате.“

Квантните компјутерски мрежи даваат поголема безбедност

Кинескиот град Жинан веќе почна испитувања на безбедна мрежа базирана на квантната технологија, а во развој е мрежа што ги поврзува Пекинг и Шангај со т.н. „доверливи јазли“ на секои 100 км, каде што квантниот сигнал се мери и повторно се испраќа, вели професорот Зелингер.

„Ова е првиот квантен интернет. Стапката на податоците е толку ниска што не е корисна за сегашниот интернет. Но корисно е за освежување на квантниот клуч за испраќање шифрирани информации“, вели професорот Зелингер.

Квантната мрежа може да се користи за деликатни финансиски или избирачки информации, вели професорот Иан Волмсли од Универзитетот Оксфорд.

„Постојат значителни пречки што допрва треба да се надминат. Но вака почнуваат трансформативните промени“, вели тој.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail