Дела на Урошевиќ и Андоновски претставени на Фестивалот на словенските култури во Москва

delaa.jpg

Во Серуската државна библиотека во Москва во саботата беше отворен Фестивал на словенските култури во рамки на Деновите на словенската писменост кои се одбележуваат низ цела Русија.

Како што информира Олга Панкина, претседател на Македонскиот културен центар кој ги промовира македонските културни вредности во Русија, на фестивалот била промовирана поетската книга „Пејач во култата“ од Влада Урошевиќ, која неодамна  беше објавена од Центарот за книга „Рудомино“. Настанот го водел раководителот на литературно-издавачкиот оддел на Библиотеката Јуриј Фридштејн кој истакнал дека книгата е вистински подарок за руските читатели.

Олга Панкина, која ги препеа песните, им објаснила на присутните што посебно ја привлекло во поезијата на Влада Урошевиќ, а литературниот критичар Андреј Базилевски, поет и преведувач, кој е автор на предговорот за книгата, резимирал дека на читателите им е дадена ретка можност да запознаат уште еден голем словенски поет.

Втор настан на фестивалот за кој имало многубројна публика бил онлајн-читањето на „Азбука на непослушните“ од Венко Андоновски.

Покрај овие две книги, Издавачкиот центар „Рудомино“ ги има објавено и: „Вежби за ибн Пајко“ од Оливера Николова, „Храпешко“ од Ермис Лафазановски, „Водена пирамида“ од Луан Старова, „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли.

Голем интерес од публиката имало и за изложбата „Душа на Македонија“ на московскиот сликар Александар Белугин, кој преку сликарството ги изнел своите впечатоци од неговите престои на ликовните колонии во Македонија.

Изложбата ја отвори Олга Панкина во својство на претседател на Македонскиот културен центар во Русија.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail