„Ден на читателот“ во НУБ „Св. Климент Охридски“

den-na-citatelot.jpg

Во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, утре напладне ќе се одржи манифестацијата „Ден на читателот“ посветена на читателите во Република Македонија.

Како што информираат од Библиотеката, подготвена е програма чија цел е е да го поттикнеме интересот за читање, за купување или позајмување книги, како и желбата да се посети некоја од библиотеките во Македонија.

– Во таа насока, а во чест на „Денот на читателот“, секој што ќе дојде да го проследи настанот, но и сите учесници во програмата, ќе добијат по една вредна книга како подарок, најавуваат од Националната и универзитетска библиотека.

Манифестацијата ќе ја отвори Иван Заров, директорот на НУБ, а посетителите ќе можат да проследат повеќе содржини како претставување на првиот број на списанието за промоција на издавачката дејност – „Издаваштво“ и соопштување на резултатите од Конкурсот за необјавени песни и поетско читање.

Предвиден е и мотивациски говор на Коста Петров како еден од најчитаните современи творци во Македонија насловен „Како да ја креирате сопствената најдобра верзија“.

Петров, кој минатата година го доби признанието Најчитан автор за 2015 година, ќе ја додели наградата Најчитан автор за 2016 година во јавните библиотеки во Македонија.

Како што посочуваат од НУБ, најчитаниот автор се одредува во соработка со јавните библиотеки во Македонија кои им испраќаат списоци со пет автори чии книги биле најчесто позајмувани во нивните библиотеки.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail