Денеска почнува Global Game Jam во Скопје

global-game-jan.png

„Глобал гејм џем“ е најголемиот интернационален настан за креирање и правење игри, кој се одржува еднаш годишно истовремено на голем број локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон

Како дел од „International Game Developers Association“ (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите што креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање.

Во 2016 година „Глобал гејм џем“ се одржа на 611 локации во 93 земји и беа создадени преку 6866 игри.

Македонија го започна своето учество во 2013 година со локации во Скопје и во Битола, а од оваа година и во Охрид. Oрганизатор е Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА.

Во изминатите три години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа скоро 800 учесници – ентузијасти, средношколци, студенти и професионалци од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење, остваруваат контакти и да се дружат и играат. Досега се создадени 104 видеоигри во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.

Во 2016, Македонија беше на 5. место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по глава на жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман, преку зголемување на бројот на учесници.

„Глобал гејм џем“ по петти пат во Македонија, во Скопје и во Битола, го организира МАГДА (Македонска асоцијација за развивање игри), а оваа година ќе се одржи во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје и во Општина Битола. Учесниците се од сите профили: цртачи, музичари, 3д моделари, програмери, дизајнери и инженери за звук, па сѐ до љубители на игри.

За сите учесници обезбеден е непрекинат интернет-пристап, храна, пијалаци, простор за работа и простор за рекреација и одмор. Во текот на работата ментори од компанијата „ShadowGrid“ ќе им помагаат на учесниците и ќе одржуваат кратки предавања. За најиновативните тимови и поединци се обезбедени награди.

Повеќе информации за настанот, како и фотографии од претходните години, може да се добијат на интернет-страницата http://gamejam.mk.

global game jam

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail