dektetivi.jpg

За детективската професија може да се каже дека претставува една од најинтригантните професии. Она што ја прави интересна се способноста и аналитичноста на детективот да истражува и решава случаи, без разлика дали станува збор за откривање криминал, неверство, измама, потрага по биолошки родители, по исчезнати лица…

Професијата кај нас сѐ уште е слабо развиена, постојат само неколку лиценцирани приватни детективски агенции, а предмет на нивните истраги, како што објаснуваат, најчесто се брачни неверства, предбрачни проверки, следење на децата од страна на родителите, проверка на лицата што се запознаваат на социјалните мрежи, собирање информации за конкурентите во бизнисот, откривање индустриска шпионажа…
– Од физички лица, најчесто се јавуваат клиенти поради прељуба, и тоа во најголем процент жени. Жените се чудо на природата. Тие имаат подобри сензори да спознаат одредени промени кај мажот, знаат кога нешто се случува. Во 95 проценти од случаите кога една жена доаѓа поради сомневање дека нејзиниот сопруг ја изневерува – тоа е потврдено. Тие доаѓаат повеќе за да се спаси бракот, ретко доаѓаат за доказите да послужат за развод, и најчесто целта е да се убедат себеси и да им докажат на блиските дека она во што се сомневаат е вистинито – вели Александар Ефремов, детектив во една од скопските агенции.

Освен тоа, како што вели Ефремов, чести клиенти се и странските компании во земјава, пред сѐ осигурителните компании, кои бараат соработка околу проверка на фирми, проверка на лица, истрага на злоупотреба и кражба на вработени, проучување деловни партнери и соработници, утврдување адреси на живеење, проверка на биографија на лице, проверка на бонитет…

Како мошне интересна детективска приказна тој го раскажа случајот со вработен во странска компанија што ѝ оддавал деловни тајни на конкурентска фирма.
– Успешно решивме случај на оддавање деловна тајна кога вработен во странска компанија вршеше оддавање деловни тајни на конкурентска фирма. Откако се јави сомневање кај сопственикот на фирмата, тој нѐ повика како детективска агенција да спроведеме истрага. Откако се стесни кругот на проверка на вработени, почнаа да се преземаат конкретни мерки и активности за утврдување на вработеното лице и се дојде до сознанија дека мотивот за оддавање деловна тајна е хомосексуална врска со друго менаџерско лице од конкурентска компанија, со кое претходно се запознале во една дискотека – ни раскажа Ефремов.

За детективските искуства зборувавме и со неговиот колега Јован Димитровски од друга скопска агенција.
Детективот Димитровски вели дека во неговото осумгодишно искуство имало многубројни случаи, секој на свој начин различен и посебен. Пред сѐ станува збор за обезбедување информации што им помагаат на луѓето врз нивна основа да донесуваат одредени одлуки во приватниот или во професионалниот живот.
– Најчестите јавувања за детективски услуги се однесуваат на барања информации потребни за обезбедување доказни материјали во врска со кривични дела или сторители на кривични дела, првенствено во решавање случаи поврзани со осигурителни измами, потрага по украдени или изгубени предмети, пронаоѓање должници, исчезнати или лица што се сокриваат, пронаоѓање биолошки родители, причинители на материјална штета, собирање информации за проверка на солвентноста на одредени компании, повреда на правото на интелектуална сопственост – објаснува Димитровски.

Неговите клиенти барале од него да обезбеди и информации во врска со брачни неверства, давање безбедносни совети и помош, собирање информации за потенцијален деловен партнер (да се истражат неговите пороци, како на пример коцка, љубовници, долгови, поврзаност со криминални структури, односно дали има криминално минато), како и собирање информации за конкурентите во бизнисот, собирање информации за вработените и нивниот однос спрема работата (злоупотреба на боледувања, контакти со конкуренти и сл.).

Нивниот делокруг на работа е регулиран со Законот за детективска дејност, а под детективска дејност се подразбира собирање податоци и информации, нивна обработка, како и посредување со нив.

[email protected]

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail