Дигитално реставрирани 100 години старите четки на Мунк

198154-digitalno-restavrirani-100-godini-starite-chetki-na-munk.jpg

Адоби го најави „Тајни богатства на креативноста“, прв проект од ваков вид кој за почеток дигитално ќе ги рекреира над еден век старите четки на Едвард Мунк, со надеж дека ќе инспирира нови генерации мајстори-сликари.

Во соработка со Музејот на Мунк во Осло и креаторот на четки во Фотошоп, Кајл Т. Вебстер, седум од оригиналните сликарски алатки на Мунк се реплицирани и достапни на Creative Cloud за Фотошоп, како и за корисниците на програмата за цртање Sketch.

Четките на славниот автор на „Крикот“, како што се објаснува во долното видео, биле фотографирани во 360 степени со највисока можна резолуција, за да се создадат детални 3Д „копии“. Потоа биле анализирани во комбинација со физичките својства на четките, како флексибилноста и дебелината, и претворени во дигитални. Вака опишано, звучи едноставно.

Со оглед на тоа што Мунк насликал четири верзии од „Крик“, сега Адоби како промоција на новите алатки, ги поттикнува корисниците да создадат петта. Наградените од конкурсот ќе добијат 5.000 британски фунти, а делата ќе бидат изложени во Музејот на Мунк во Осло. Во наградниот пакет спаѓа и целосно платено патување на овогодишното издание на конференцијата на Адоби (Adobe Max) која се одржува во Лас Вегас.

„Целта на проектот Скриени богатства на креативноста е да се оживеат старите алатки и да се стават во рацете на новите генерации. Ремек-делата го надживуваат своето време, но често забораваме на физичките средства со кои тие се направени“, изјавил Сајмон Морис, директор на маркетинг во Адоби.

Секако, за да бидете креативни не ви е потребна некаква дигитална четка, па макар таа била и на Да Винчи или на Мунк. Можете да се пробате и со најобичната, од најблиската книжарница.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail