sp3h2-1408291595c4ef13e530f3022400953-690x460.jpg

Изминатата година беше многу добра за глобалниот туризам што го докажува и фактот дека биле регистрирани дури 1,4 милијарди доаѓања на туристи ширум светот, што е за шест отсто повеќе отколку во 2017 година, покажал извештајот на Светската туристичка организација при Обединетите Нации

Организацијата претходно очекувала дека ваквата цифра ќе биде достигната во 2020 година, но тоа се остварило порано, благодарение на силниот економски раст, визните олеснувања и поволните авио-патувања.

“Порастот на туризмот во последните неколку години потврдува дека овој сектор денес е еден од најмоќните придвижувачи на економскиот раст и развој”, навел генералниот секретар на UNWTO, Зураб Пололикашвили во соопштението објавено на официјалната интернет страница на светската организација.

Туризмот на Блискиот Исток е зголемен за десет отсто во однос на 2017, а во Африка за седум отсто. Азиско-пацифичкиот регион и Европа оствариле раст од шест отсто, а Јужна и Северна Америка од три отсто.

Се очекува прогнозата на UNWTO за оваа година да биде во согласност со историските трендови на растот на меѓународниот туризам помеѓу три и четири отсто.

Од организацијата наведуваат дека неизвесноста околу Брегзит и геополитичките и трговските тензии веројатно ќе доведат до пристапот “почекај и види” кога станува збор за патувањата во 2019 година. Меѓутоа, стабилните цени на горивата, подобрената воздушна поврзаност и растот на патувањата во земјите во подем ќе послужат како позитивни показатели за оваа година, оценуваат од UNWTO.

Извор: точка.мк

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail