Доделени признанија за првите девет старт-ап претпријатија од Фондот за иновации

fond.jpg

На првите девет старт ап претпријатија кои успешно ги завршија проектите поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој денеска им беа доделени признанија.

Признанија добија Дарис инжинеринг ДООЕЛ, ДПТУ Хас инжинеринг ДОО, ДТК Смарт-Тек ДОО, Кликион технологии ДОО, Ебизнис ДООЕЛ, Прајм Аппс ДОО, Вејпр апликации ДООЕЛ, Марси електросистеми ДООЕЛ и Есенсо ДОО.

Директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска во обраќањето рече дека веќе четврта година спроведуваат активности за поголема конкурентност на македонските претпријатија преку воведување иновации.

Досега, посочи, поддржавме 37 претпријатија со вкупен износ од 1.5 милиони евра, но и обезбедивме дополнитено поддршка за јакнење на нивните капацитети за иновациски менаџмент, извоз и дополнителни можности за финансирање. Нагласи дека од овој број најголем дел се старт ап претпријатија од кои некои почнале да работат само со поддршката на Фондот, но сепак, појасни, се работи за млади компании кои не постојат подолго од шест години.

Фонд за иновации признанија

– Согласно Среднорочната програма за работа во наредните три години, предвидена е уште поголема динамика за финансирање на претпријатијата во оваа област, меѓутоа и поголеми средства за доделување. Она што е можеби најзначајно и досега неприсутно во овој дел е присутноста на приватните инвеститори кои би инвестирале паралелно со државата во старт ап претпријатија и во претпријатијата кои воведуваат иновации, рече Поповска.

Потенцира дека предвидено е формирање Фонд за еквити инвестиции и дека планираат да работат за негово развивање оваа година, а до крајот на 2019 година преку него да распределат околу 30 милиони евра.

– Ова ќе подразбира многу поголема инвестиција од она што досега сме го работеле со овој пилот проект заедно со Светска банка. Во наредниот период ќе посветиме внимание овие моментални инструменти да станат достапни и за оние претпријатија кои во моментов не можат да аплицираат поради тоа што не ги исполнуваат условите во смисла на големина на компанија, меѓутоа и оние научно-истражувачки институции кои работат со микро малите претпријатија кои моментално се опфатени со дел од инструментите ќе имаат можност директно да аплицираат до Фондот, рече Поповска.

Посочи дека за годинава веќе се предвидени поголеми средства од минатата година односно планираат да доделат 3,7 милиони евра.

– Првиот повик за оваа година ќе биде објавен до 5 февруари и преку него планираме да поддржиме 15 старт ап претпријатија и 10 микро, мали и средни претпријатија кои ќе достават проект за комерцијализација на иновации. Вкупниот буџет за овој повик ќе изнесува 1.450.000 евра. Преку ова финансирање на иновативните проекти помагаме за пократко време претпријатијата да ги развијат и тестираат нивните решенија и побрзо да ги донесат на пазар, додаде Поповска.

Извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, Митко Алексов рече дека со вакви проекти и активности доминација добива знаењето и иновативноста за сметка на суровините, енергијата и физичката работна сила и додаде дека тоа е иднината кон која треба да се стреми македонската економија.

– Се менува начинот на производство, се подобрува квалитетот на производите, се зголемува продуктивноста на трудот, се намалуваат трошоците на производство и се придонесува кон поздрава животна средина, истакна Алексов.

Управителот на ДТК Смарт-Тек, Живко Коколански рече дека се спин оф компанија на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

– Уште на првиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој добивме еден грант, а сега и на третиот повик сме исто така добитници на еден нов грант. Компанијата се занимава со развој и имплементација на софтверски и хардверски решенија во полето на енергетска ефикасност. Пред се е наменета за индустриски компании кои со нашите производи може да имплементираат заштеди во финансиска смисла и да ги редуцираат сметките за електрична енергија, истакна Коколански.

Љупчо Вангелски од компанијата Вејпр апликации рече дека развиле софтверски производ за менаџирање на приватен клауд (cloud) за средни компании кои сакаат флексибилна контрола на нивната ИТ инфраструктура.

– Компанијата постои две ипол години. После година од основањето ни се укажа можност да добиеме финансиска помош од Фондот за иновации. Тоа го искористивме пред се подобро да го екипираме нашиот тим, да го развиеме производ во верзија да имаме клиенти, корисници. Го завршивме проектот, но ние сме на почетокот затоа што дури сега треба да направиме промоција, да излеземе на странскиот пазар, додаде Вангелски.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail