Документарен филм за Охридската пастрмка

maxresdefault.jpg

Поради човечката негрижа во изминатите десеттина години Охридската пастрмка станува сè позагрозен вид риба. Документраниот филм „Танцот на пастрмката“ кој синоќа беше прикажан во Охрид има за цел на пошироката јавност да ù го долови подводниот живот и мрестот на охридската пастрмка, ендемски вид кој речиси е доведен до раб на исчезнување.

„Филмот е сниман пет години во зимска сезона во месеците декември, јануари и февруари. Кога снимате и фотографирате под вода многу е специфично. Треба да знаете каде се движи пастрмката, каде доаѓа на мрест да може да ù се приближите под вода. За овие последни пет години кога го правевме снимениот материјал дојдовме до заклучок дека пастрмката ја има сè помалку и помалку“, рече Милутин Секуловски-нуркач и автор на филмот.

Според туристичките работници филмот, може да се искористи и за промоција на Охрид.

„Туристите сакаат приказни, а посебно автентични приказни прикажани на ваков начин со подводни снимки и фотографии. Сè ова што го видовме во филмот сигурно ќе биде инспирација за туристите кои ќе дојдат во Охрид за да нуркаат во подводниот свет на Охридското Езеро“, вели Дочно Танески-туристички работник.

Филмот изобилува со многу со ексклузивни подводни снимки, а еден од најинтересните моменти е кога нуркачот се бакнува со една пастрмка. За потребите на филмот направени се педесеттина часа снимен материјал и повеќе од стотина нуркања на длабочина и до 40 метри.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail