pretpriemnistvo.jpg

Претприемачкото учење и вештини се меѓу клучните слабости што се нотирани за државава во најновиот извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан и Турција во однос на предусловите за развој на малите и средните претпријатија за изминатите три години.

Во извештајот е прикажан развојот на државата со усвоената Стратегија за претприемачко учење и воведедените предмети Иновации во деветто одделение во основното образование, Иновации и претприемништво (како проектна активност) во прва, втора и трета година од гимназиското образование и ревидирањето на предметот во четврта година Бизнис и претприемништво. Но, нотирано е и дека постои слаба координација, особено во делот на мониторинг и евалуација во спроведувањето на Стратегијата од страна на советодавната група на Министерството за образование и наука. Се наведува и дека е потребно да се зголемат капацитетите на наставниците за да овозможат образование фокусирано кон развојот на потребните компетенции.

– Со цел да се креира култура на претприемачко размислување кај младите, потребно е и основните претприемачки компетенции да бидат вклучени во системското образование на наставниците. Владата мора да го постави системот за образование на наставници, и формален и неформален, на начин каде што прво наставниците ќе се здобијат со потребните компетенции и практични вештини, кои потоа треба да им ги пренесат на учениците – стои во препораките во извештајот.

Такви се укажувањата и на Радмил Поленаковиќ, професор по претприемачки вештини на Машинскиот факултет во Скопје. Тој за МИА изјави дека е клучно постоење на квалитетен образовен систем на сите три нивоа, и основно, средно, но и универзитетско образование, како за развој на државата така и во желбата да го намалиме т.н. одлив на мозоци.

– Уште пред повеќе од еден век Хенри Форд кажал дека „конкурентноста на една земја не лежи во лабораториите или работилниците, туку во училниците“. Колку имаме подобри наставници и професори, толку ќе имаме и поквалитетно едуцирана млада популација, која ќе придонесе за развојот на малите и средните претпријатија, а со тоа и на конкурентноста на државата. Во денешниот свет, на глобалниот пазар на трудот, важно е не само да се научи одредена вештина. Она што современите образовни системи ги прави успешни е да ги подготвуваат учениците и студентите за живот надвор од училницата – односно целта на образовниот систем е да придонесе за развојот на младата личност за да направи професионална кариера што ќе базира на желбите на ученикот/студентот од едната страна, но и знаења и неговата или нејзина креативност и компетентност – изјави Поленаковиќ.

Училиштата и универзитетите, оценува, почнаа да ја признаваат важноста на креативноста во училниците. Државата веќе е свесна дека само креативноста може да им помогне на учениците да успеат во животот, наспроти само класичното меморирање на знаењето. Креативните луѓе измислуваат, решаваат проблеми, создаваат и комуницираат на нестандардни и нови начини. А секој бизнис, секое општество, бара креативни слободоумни личности кои може да бидат научници, инженери, медицински истражувачи, иноватори, претприемачи, уметници, писатели и илустратори, дизајнери, наставници, но и родители. Оние со способност да „размислуваат надвор од кутијата“ ќе ја управуваат иднината и од нив се очекуваат високи достигнувања – тие го носат прогресот во општеството.

Во сите предмети, како што наведува, има простор за креативност, а за тоа е клучно да имаме подготвени и иновативни наставници. Потребна е многу поголема работа со наставниците и поинтензивни обуки за развој на нивните компетенции и знаења за современи иновативни методи и техники во предавањето, во делот на поголема креативност, смета Поленаковиќ.

Според Поленаковиќ, за да се обезбеди поголем развој на малите и средните фирми во државава потребно е да се смени начинот на размислување и кај менаџментот и кај вработените, односно да се размислува на поиновативен начин, да се зголемат платите на вработените во индустријата и да се поддржи повеќе соработката помеѓу универзитетите и стопанството. Факт е дека се отворени центри за поддршка на бизнис, хабови, инкубатори, но, како што вели, потребно е поинтензивно дејствување, промоција, поврзување, користење на добрите практики. Ако нешто е развиено, да не се прекине, па да се смени насоката, односно да се обезбеди континуитет на успешните приказни и да има поголема поддршка на т.н. хабови и инкубатори. Тоа е вистинскиот начин да се развие претприемачкиот дух и да се задржат младите, кои со отворање сопствен бизнис би останале во државава.

Со став дека претприемачките вештини треба навреме да бидат вклучени во образованието е и Кристен ван ден Ејден од Европската фондација за обуки, што беше вклучена во подготовка на Стратегијата за мали и за средни претпријатија.

– Не треба да заборавиме дека раното детско образование ги поставува основите за вашите деца и внуци со цел да имаат успех. Многу е важно во раната возраст децата и младите да работат на самодовербата и креативноста, да работат во тимови. Сето тоа се претприемачки компетенции. Претприемачките вештини треба навреме да се вклучат во редовното образование од раната возраст – рече Ејден на неодамнешната презентација на Индексот на политики за мали бизниси.

Повеќе на МИА

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail