mnt.jpg

Првата премиера на Македонскиот народен театар во новата сезона ќе биде на 29 септември со претставата „Еден месец на село“ од Иван С. Тургењев на италијанскиот режисер Паоло Маџели.

Оваа комично-тажна руска приказна првпат е поставена во 1872 и раскажува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата да ги задржи долго во себе.

– „Еден месец на село“ е едно од најдобрите дела во литературниот опус на Тургењев. Таа е меѓу првите реалистични драми што историјата на литература ги класифицира во рубриката „модерен реализам“, пред сè, поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси – истакнува Жељка Удовичиќ, драматург на претставата.

Улогите ќе ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Катерина Коцевска го направи преводот и адаптацијата на текстот. Сценограф е Лоренцо Банчи, костимограф – Мануела Паладин. Музиката е на композиторот Љупчо Константинов.

Новата премиера почна да се подготвува во март и таа е втора соработка на МНТ и режисерот Маџели, во 1988 година на големата сцена беше премиерата на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски.

Маџели, кој е роден во Прато, Тоскана, веќе 30 години живее и работи во Загреб, а поставил повеќе од 150 претстави во театри низ светот. На сцените во поранешна Југославија (Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Сплит, Скопје и Дубровник) почнал да работи во средината на 1970-тите години.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail