Единаесетгодишнo дете живее во Србија и пешачи 17 километри до училиште во Македонија

marko.jpg

Единаесетгодишниот Марко Арсовски од селото Старац во Бујановац секојдневно оди во странство на училиште, пишува Новости.рс.

Во Србија се уште голем дел од учениците пешки патуваат до училиштето, но Арсовски е еден од ретките кои мора да пешачи до Македонија за да го добие своето знаење.

Тој е единствен ученик во селото Старац, кое се наоѓа на самата граница со Македонија, а од неговото маало до најблиското српско село каде има училиште, има 70 километри. Поради ова, за него е многу полесно да се школува во друга држава.

Ученикот е петто одделение во основното училиште „Христијан Карпош“ во селото Драгоманце во македонската општина Старо Нагоричане.

„Наставата е на македонски јазик, но имам часови и на српски, како и уште неколку ученици од српска националност. И покрај сите тешкотии, успевам да постигнам добар успех“, вели срамежливо Марко.

Но, потешко од наставата на македонски јазик е секојдневното патешествие. Куќата во којашто живее момчето се наоѓа покрај реката Пчиња, која ги двои Србија и Македонија. До патот што го води до училиште, најблиску се стигнува преку не толку длабоката, но ладната планинска река. Но, во зима која овде долго трае, ни претставува потешкотија“, вели Горан, таткото на Марко.

Но, како што вели тој, кога реката ќе надојде, Марко мора да патува по заобиколен козји пат, што му го продолжува неговото патување за речиси два километри.

„Секое утро станувам најдоцна во шест часот, па преминувам преку реката или преку патеката доаѓам до локалниот пат за Македонија. Таму ме чека комбе со кое пристигнувам на училиште. Понекогаш, кога брзам, тато на грб ме пренесува преку Пчиња“, го опишува своето секојдневие малиот Марко.

Поради тоа што е единствен ученик од овој крај, нема ниту организиран превоз до најблиското училиште во српските села, па Марко е принуден секојдневно да ја преминува државната граница. Вели дека граничните службеници имаат разбирање за неговата ситуација и не му прават проблем.

Но, братот на Марко (15) не го издржал ова и решил да го напушти училиштето. Најмладиот Арсовски, Дарко, има вроден инвалидитет и е врзан за куќата и мајката Илинка.

Иако многу од работите им зависат од Македонија, од каде ја добиваат и струјата, Горан вели дека тамошните луѓе, иако малубројни, сепак се државјани на Србија и очекуваат помош од државата.

Горан вели дека жителите од селото со децении чекаат да им се изгради мост кој барем малку ќе им го олесни животот.

„Уште пред неколку години, општината обезбеди материјал за мостот, но велат дека се уште се чека на согласност од Република Македонија. Поради тоа, се мачиме секој пат кога извршуваме најосновни работи, како што е одење до општината или на лекар. Едноставно, кога нема луѓе, нема ни интерес да ни се помогне“.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top