5df34af2455770f7994d0625ff582c27_XL.jpg

На 15 октомври 2018 г. ќе се отвори изложбата на сликарот Јован Балов и фотографот Тим Деусен, еминентни уметници кои живеат и творат во Берлин, Германија.

Изложбата насловена „Circled by reality“ се состои од слики и фотографии од уметниците, а ќе биде отворена во 19 часот во просториите на Галерија „Безистен“ во Штип. Дополнително ќе биде претставена серија портрети на Тим Деусен, работена со американскиот фотограф Брајан Вудс, насловена „Homeless“.

Уметниците за првпат изложуваат во Штип, по покана на проф. д-р Никола Смилков и под покровителство на Универзитет „Гоце Делчев“.
На 16 октомври 2018 г. со почеток во 12 часот во просториите на свечената сала на Факултетот за образовни науки при УГД ќе се одржат предавања од Тим Деусен, со наслов „The 3D revolution“ и од Јован Балов, со наслов „Метареализам“.

Ги покануваме сите заинтересирани да присуствуваат на настаните.

Кратка биографија:

Тим Деусен е роден во 1968 г. во Германија. Студирал фотографија на Универзитетот во Њујорк. По магистрирањето во 1996 г. учествувал со негови фотографски и видео дела на многу изложби, помеѓу кои „Show your Wound” на Гете институтот во Тел Авив, „The means of Art” во Кунстхаус во Дрезден, „Easy Transport” во Музејот на современа уметност во Скопје, Македонија. Живее и твори во неговото ателје во Берлин, каде што постојано изложува свои дела – медиски продукции кои се протегаат од фотографија, преку анимации, до виртуелна и проширена реалност.

Јован Балов е роден во 1961 г. во Скопје. Во 1984 г. студирал на Филозофскиот факултет, отсек Историја на уметност со археологија, а во 1987 г. дипломирал на Ликовната академија, отсек Сликарство, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Балов ја промовира Република Македонија во Европа и во светот во периодот од 2000 г. до денес сo многубројните проекти со врвно успешно презентирање на македонската современа уметност и култура. Од нив се издвојуваат изложбите во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и многу други. Денес тој живее и работи во Берлин, како организатор и програмски координатор на Здружението на проект галерии „Колоние Вединг“ – Берлин, www.koloniewedding.de

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail