Епидемија на сексуално вознемирување во „McDonald’s“

seksualno-voznimiruvajne.jpg

Работници во рестораните на McDonald’s во 10 градови низ САД денес на пладне ќе штрајкуваат за да го свртат вниманието на проблем со кој се соочуваат, а компанијата не презема мерки за негово решавање.

Најмалку 10 вработени имаат поднесено тужби дека сѐ почесто се соочуваат со сексуално вознемирување на работното место, најчесто во форма на нападно додворување за кое немало никаков повод.

Една вработена во тужбата до Комисијата за еднакви можности за вработување навела дека колега недолично ја допирал, ја пофаќал и барал да му го допре пенисот. Кога се пожалила на менаџментот, не била сфатена сериозно, претпоставиле дека двајцата веќе се во некаква врска и дури ја советувале да „премине на следното ниво“ со колегата. Исто така ѝ било речено дека се однесува „како мало девојче“ и дека е „недозреано“ што воопшто се жали.

По овие инциденти, друг колега ја одвлекол во машкото веце, ја приклештил до ѕид, се соблекол гол и се обидел да има секс со неа. Таа се расплакала и ја спасило тоа што менаџерот го викнал колегата. Овој инцидент не го пријавила бидејќи претходно не била сослушана.

Вработените во ресторани на McDonald’s во Дурам, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Милвоки, Њу Орлеанс, Орландо, Сан Франциско и Сент Луис на пладне ќе излезат од своите работни места и јавно ќе ја повикаат компанијата да преземе мерки против ваквите вработени и да ја подобри безбедноста на работното место.

Штрајкот е поддржан од групата Борба за минималец од 15 долари и Фондот за правна помош на „Тајм“. Адријана Алварез, која работи во McDonald’s во Чикаго веќе девет години, вели дека најчестата причина зошто вработените не ги пријавуват ваквите инциденти е стравот дека не само што нема да биде преземено ништо, туку дека може да станат жртви на полошо вознемирување или да бидат избркани од работа.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail