Европска Силиконска Долина – Данска ќе прави девет вештачки острови

denmark-islands.jpg

Данската влада сака да стартува огромен проект за креирање девет нови острови 10 километри јужно од Копенхаген. Островите не се ништо ново за Данците – тие веќе имаат 391 остров. Но, ова е една од најмалите европски нации со површина од само 43.000 км2, па создавањето нова копнена површина за развој на креативни решенија има за цел да се обезбеди одржлив развој во рамките на географски ограничена површина.

Островите ќе бидат направени на 5,5 метри над нивото на морето. Проектот предвидува креирање 3,1 милиони квадратни метри вештачко копно, од кое 700.000м2 ќе се користи за зелени површини и 17 км ќе биде брег. Данска моментално има брег со должина од 7.300 км. Тоа е речиси 1,5 метри брег за секој жител.

На еден од островите ќе биде поставена најголемата северноевропска фабрика за производство на енергија од отпад. Биоотпадот и отпадните води од околу 1,5 милиони жители на регионот на Копенхаген ќе се претвораат во чиста енергија и биогас.

Ќе има и други зелени технологии како што се ветерници, кои ќе придонесуваат за намалување на годишната емисија на CO2 за околу 70.000 тони и ќе произведуваат 322.000 MWh енергија, што е доволно за да се задоволат потребите на 25% од жителите на Копенхаген. Ќе бидат конструирани и велосипедски патеки долги 18 км.

Клучната причина за овој проект е создавање нова површина за комерцијален раст и развој. На островите ќе има простор за 380 компании, кои ќе придонесат со повеќе од 8 милијарди долари во БДП на Данска. Но, освен што ќе бидат бизнис база, островите ќе имаат голема улога во рекреативните активности и природната убавина во регионот. Секој остров ќе биде обвиткан со зелен појас, за понезабележителна транзиција од водата на копното.

Проектот го носи името Holmene и има поддршка од владата на Данска, но се чека на формална потврда од парламентот. Допрва треба да почне конструкцијата, а се очекува да биде комплетиран во 2040 година. Кога ќе биде комплетиран, се очекува да создаде 12.000 нови работни места, како и нови и различни микросредини.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail