ФЕИТ ги повторува врвните резултати на натпреварот по LabVIEW

unnamed-3.jpg

Македонската екипа од Факултетот за електротехника и информациски технологии, повторно, освои прво екипно место на меѓународниот натпревар по LabVIEW. Македонската екипа ја сочинуваа студентите Петар Видоевски, Андреј Грунески и менторите Живко Коколански и Бодан Велковски.

Студентот Петар Видоевски, исто така, го освои и второ поединечно место на овој натпревар.

Деветтиот балкански натпревар по виртуелна инструментација во LabVIEW се одржа на 27 октомври 2019 година во Белград, каде учествуваа 22 студенти од LabVIEW академиите на десет Универзитети од различни држави од Балканот и пошироко. Домаќин на овогодинешниот натпревар беше Електротехничкиот факултет од Белград.

„Секоја година учествуваме на меѓународниот натпревар по LabVIEW со тим студенти од ФЕИТ. Ова не е наш прв успех, напротив, она што ме прави посебно задоволен се континуираните резултати кои ги постигнуваме. Во последните пет години, ова е прво место по трет пат во екипна конкуренција и повеќе високи индивидуални пласмани. Успесите не се само на овој натпревар, студентската екипа на ФЕИТ го искористи здобиеното знаење од LabVIEW академијата за изработка на софтверска симулација за енергетска ефикасност во LabVIEW со која го освои првото место на интернационалниот инженерски натпревар ICAMES 2018 во Истанбул. Како професори од ФЕИТ имаме привилегија да работиме со одлични студенти кои докажуваат дека можат да се носат со најдобрите“, изјави професор д-р Живко Коколански.

За добитникот на второто поединечно место Петар Видоевски, подготовката за натпреварот, драстично, го зголемило неговото знаење за LabVIEW.

„Покрај учеството во поединечниот натпревар се одржуваше хакатон преку кој се запонававме со останатите колеги и разменувавме знаење. Се претставив со студентски труд насловен “LabVIEW based chess clock” кој беше прикажан преку постер. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на моите ментори за нивниот придонес кон мојот успех“, рече Видоевски.

За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, освоените места се само потврда за квалитетот на Академијата LabVIEW на Факултетот.

Во 2014 година Факултетот за електротехника и информациски технологии за првпат ја имплементираше програмата “Laboratory Virtual Instrument Engineering Workbench (LabVIEW) академија” и со тоа стана првата научно-образовна институција во земјава која е лиценцирана за обука на студенти за работа со развојната програмска платформа LabVIEW. Со имплементирање на оваа програма, студентите од ФЕИТ се здобија со можност за совладување на материјата следејќи современа наставна програма пренесена од страна на сертифицирани наставници, за потоа и истите да добијат можност да се сертифицираат преку полагање официјален испит во соработка со National Instruments. Оваа програмска платформа е широко прифатена од сите универзитети во светот и се користи за научно-истражувачки и за индустриски апликативни цели. Во периодот од 2014 до 2019 година, LabVIEW академијата обучи приближно 300 студенти на додипломските студии од кои 63 се здобија со официјален Certified LabVIEW Associated Developer (CLAD) сертификат, додека одговорните наставници на предметот вон. проф. д-р Живко Коколански и дипл. ел. инж Бодан Велковски ја стекнаа титулата Certified LabVIEW Developer (CAD).

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail