photo-1532356884227-66d7c0e9e4c2-702x336-1.jpg

Дали и кога ќе има предавање е најчестото прашање кое студентите го поставуваат до своите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје преку Фејсбук. Всушност, ова е единствената социјална мрежа на која студентите комуницираат со надлежни од факултетите, бидејќи повеќето од нив ги нема на други платформи, или пак се присутни проформа, пишува „радиомоф.

„Социјални мрежи на факултетите – ШТО?“, „Многу ретко, повеќе на мејл“, „Никогаш не сум им пишала на социјални мрежи, одам директно на студентската служба во Деканат“ и „Не ги бива, расеани се“, се дел од одговорите кои ги добивме преку нашата анкета на Инстаграм за тоа колку и како студентите комуницираат со нивните факултети преку интернет платформите.

Радио МОФ се обиде да се обрати до сите 23 факултети при УКИМ преку Фејсбук. Добивме одговор само од два – Машински и Филозофски. Архитектонскиот факултет, пак, нема опција за испраќање пораки, па моравме прашањата по мејл да ги пратиме, но до објавување на текстот не добивме одговор.

И официјалната Фесјбук страница на Музичкиот факултет нема опција за испраќање пораки. Води до веб-страницата на факултетот, но ако се обидете преку веб сајтот да пристапите до нивниот Фејсбук, ќе ви ја даде следнава порака:

 

Последната објава на Фејсбук е од ноември минатата година, а Јутјуб каналот, пак, не е ажуриран веќе 6 години.

ашинскиот факултет е еден од ретките факултети од кои добивме одговор на нашите прашања.

„Немаме одговорно лице за ажурирање на социјалните профили на факултетот. Студентите комуницираат преку Фејсбук профилот и најчесто поставуваат прашања за конкурсите за запишување, запишување на семестри, подетални информации околу отворен ден и слично. Покрај Фејсбук профилот исто така се користи и Инстаграм профил само за студентски проекти“, велат од Машинскиот факултет.

Сличен одговор добивме и од Филозофскиот факултет:

„Дневно ни пристигнуваат и до 200 пораки. Најчесто се пораки конкретно за Институтите, дали ќе има предавање. За тие прашања им велиме дека треба да се обратат до ЕКТС координаторот“, велат од Филозофски.

На нивната Фејсбук страница може да се најдат објави за обуки и за младински размени. Имаат и профили на Инстаграм и Твитер, но како што ни посочија, тие не се користат активно.

Слична е ситуацијата и со речиси сите други факултети, кои на своите Фејсбук профили споделуваат и за активности, успеси и новинарски написи во кои се споменуваат.

Поактивни профили на Фејсбук имаат Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), иако не добивме одговор од нив на прашањата. ФИНКИ се присутни и на Твитер, иако не го користат толку активно – последната објава е од февруари за распоред на часови за летниот семестар за учебната 2018/2019 година, а последното видео на Јутјуб каналот е од пред шест години. Градежниот и Ветеринарниот факултет, од друга страна, се присутни и на Линкедин.

Факултетот за драмски уметности, исто така, е активен на социјалните мрежи. Но, позитивен пример се неговите студенти кои сами ги водат профилите на Академска сцена на ФДУ. Присутни се на Фејсбук, но подеднакво и на Инстаграм. Иако профилите првично не се наменети за информирање на студентите, туку на јавноста за претстави и филмови на студентите, тие покажуваат како треба да изгледаат социјалните мрежи на еден факултет.

За разлика од дома, во изминативе години, врвни универзитети во Европа започнаа нагло со користење на социјалните мрежи за промоција на активностите и студиите. Во 2015 година, ОслоМет – третиот најголем универзитет во Норвешка го промени својот пристап до студентите преку ангажирање на „инфлуенсери“ на социјалните мрежи, а Универзитетот во Дурхам постигна рекорд во уписи поради јутјуберот Џек Едвардс, кој пред своите 162,000 следбеници зборува на разни студентски теми.

извор: радиомоф

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail