Филмските монтажери се во фокусот на програмата „Синематик“ на „Мобил фестивал“

mkd-297107.jpg

Седмото издание на „Мобил фестивал“ продолжува со дополнителна тридневна програма „Синематик“, која во фокус ги става филмските монтажери. Програмата опфаќа четири проекции (7 и 8 декември) на долгометражни филмови во соработка со „Eye on Films“ од Франција и работилница за изработка на трејлери за онлајн-промоција на филмови (12 декември).

„Мобил фестивал“ од годинава сака да им оддаде почит на монтажерите за нивната работа и да се осврне на постпродукциската работа на филмот, посветеноста, иновативноста и квалитетот во областа на филмската монтажа и постпродукција.

„Мобил фестивал“ почна како прв Меѓународен фестивал на филмови снимени на мобилен телефон во Македонија. Во изминатите седум години со секое наредно издание се обидува да фати чекор со времето и технологијата. Програмата „Синематик“ се надоврзува со оваа мисија на фестивалот.

Програмата „Синематик“ опфаќа четири проекции на долгометражни филмови во соработка со „Eye on Films“ од Франција, платформа за поддршка на први и втори играни филмови на режисери. Во рамките на оваа програма, Асоцијацијата на филмски продуценти на Македонија ќе додели признание за најдобриот филм. Ќе бидат прикажани по два филма во двата дена во Џебното кино при Младинскиот културен центар од 19 и од 21.30 часот.

mkd-297108

филм „Псевдоним“

Програмата почнува на 7 декември, во 19 часот, со проекција на филмот „Псевдоним“. Специјален гостин е режисерот Тјери Себан од Франција, кој по проекцијата ќе одговара на прашања од публиката. Филмот „Псевдоним“ досега учествувал на десетина меѓународни фестивали, а освоил и неколку награди. Себан е актер, сценарист и режисер. Пред „Псевдоним“ снимил неколку кратки филмови, а играл и во театар.

mkd-297109

Во рамките на програмата ќе бидат прикажани и филмовите „Лицемери“ на режисерот Вало Тоомла, „Чисти раце“ на Тјебо Пенинг и „Заминување дома“ од Жихан Чоуаиб. Влезот е бесплатен.

Во рамките на „Синематик“ ќе биде одржана и работилница за монтажа која ќе ја води монтажерот Атанас Георгиев. Работилницата со наслов „Онлајн-промоција на филмски трејлери“ ќе се одржи в понеделник (12 декември) од 11.30 часот на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Станува збор за работилница за изработка на трејлери во времетраење од 8 секунди за промоција на филмовите, предизвиците, предностите и недостатоците.

Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија во соработка со „Мобил фестивал“ ќе му доделат награда за животно дело на култниот француски монтажер Жак Вита. Наградата ќе му биде врачена во Париз.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail