Финскиот експеримент секој жител да добива по 560 евра месечно доживеа фијаско – Премалку пари за поединците, а преголеми трошоци за државата

finska.jpg

Во експериментот со исплаќање на универзален основен доход кој го спроведе финската влада беше вложена голема надеж, но тој нема да биде продолжен. Иако резултатите од експериментот се уште не се објавени и веројатно нема да бидат до крајот на следната година, јасно е дека тој е спроведен на лош начин, пишува сајтот “Bloomberg”.

Финската агенција за социјална заштита “KELA” не успеала да обезбеди финансии за продолжување на овој проект, кој беше најавен како голема левичарска идеја. Во експериментот учествувале околу 2000 невработени луѓе кои во рок од две години примале универзален основен доход (UBI) во износ од 560 евра месечно.

Премалку пари за поединците, а преголеми трошоци за државата
Пред експериментот да биде одобрен од страна на владата во 2016 година, раководителите на “KELA” размислувале за исплаќање на 800 евра месечно на работоспособни граѓани како тест. Но, кога експериментот започна минатата година, тие го намалиле износот на 560 евра, со оглед на тоа што доколку експериментот би се проширил кон сите жители, вкупните трошоци би биле преголеми. На сличен начин пропадна и референдумот во Швајцарија, на кој се одлучуваше за исплата на доход од 2500 франци.

Едно е сигурно – невозможно е да се живее во Финска со 560 евра, особено доколку се земе предвид фактот дека толку изнесува кирија за еднособен стан на периферијата на Хелсинки. Затоа, експертите кои работеле на експериментот се сложиле да не им исплаќаат пари на невработените кои веќе примаат социјална помош од државата.

Тоа ограничување е дизајнирано за да решава два проблема, а тоа е ниската стапка на вработување и поедноставување на комплицираниот фински систем за социјална заштита и заштита на децата. Имено, Финска располага со 71 отсто вработени лица помеѓу работоспособната популација, што е помалку во однос на Шведска со 77 отсто и Исланд со дури 86 отсто.

“KELA” смета дека со исплатата на ваквиот доход би можела да заштеди државни пари бидејќи тогаш не би морала да исплаќа детски додатоци и други бенефиции.

Но, доколку овој експеримент се спроведува на ниво на цела Финска, тоа би ја чинело државата 19,3 милијарди евра годишно, а за возврат, државата преку скратувањето на бенефициите би успеала да заштеди само 3,6 милијарди евра.

Иако ваквиот експеримент не е успешен во Финска, тоа не значи дека универзалниот основен доход е “мртов”. Пример за тоа е експериментот во Окленд, Калифорнија, каде се исплаќаат 2 илјади долари месечно, како и во Кенија каде се исплаќаат 23 долари месечно, што е половина од просечната заработка во руралните области на оваа земја.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail