Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 39 стипендии

stipendii-mukaetov-640x362.jpg

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и годинава традиционално доделува 39 нови стипендии. Од нив 18 за студенти на фармацевтскиот факултет и 21 за студенти на Медицинскиот факултет.

Стипендијата изнесува 6500 денари во текот на 12 месеци.

Еднократна парична награда од 1200 евра беше доделена на првенците на генерациите на овие два факултети Александра Зафировска и Душко Шалабалија од Фармацевтскиот факултет, со просек од 9,75. Оваа награда ја доби и Невенка Ридова од Медицинскиот факултет со просек 9,76.

Живко Мукаетов потенцира дека Фондацијата досега има стипендирано вкупни 418 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 39. Од нив, 159 студенти по фармација и 129 по медицина веќе се дипломирани. Од 2009-та година до денес, својата кариера во „Алкалоид“ во одделите на сегментот фармација ја започнале 63 од стипендираните студенти на Фондацијата.

– Тоа за мене претставува една посебна гордост, затоа што тоа е еден континуитет од помагање на нивното студирање, па до денешен нивен придонес во работењето на компанијата. За мене е многу важно што ние потврдуваме дека сме компанија која е општествено одговорна, се грижи за развојот на општеството, се труди да биде една додадена вредност и да помогне секаде онаму каде што може, додаде Мукаетов.

Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред се преку поддржување на млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.

Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски истакна дека наградувањето секогаш претставува еден важен стимул за оние кои го добиваат и има влијание врз квалитетот на едукацијата, која претставува многу важен чекор во образованието на студентите.

– Оваа програма за доделување стипендии на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет е една значајна хумана мисија која многу придонесува за развојот на здравствениот систем во Република Македонија. Секогаш добро едуцираните и стручни кадри од областа на медицината и фармацијата претставуваат една непроценлива вредност и значење за развојот на здравствениот систем, додаде Јанкуловски.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје. Фондацијата, чиј основач е самата компанија, има за цел стипендирање, донирање и финансирање на талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top