Го видовме најактуелното од светската графичка сцена

20122016103135_web_eks_libris_02.jpg

Во изминативе дваесетина дена во Музејот на градот Скопје, публиката имаше можност да проследи уникатна биенална постановка на графики минијатури

Повеќе од 140 дела, креации на 67 автори од 26 земји од светот се претставени на третата меѓународна изложба „Екс либрис“, која вечерва се затвора во Музејот на градот Скопје. Во изминативе дваесетина дена публиката имаше можност да проследи уникатна биенална постановка на графики минијатури.
– Она што се надевам дека и публиката го забележа е разновидноста во техничка, а пред сѐ во естетска смисла. Како и на претходните две изданија на биеналето во 2012 и 2014 година, се обидовме да го презентираме она што е најактуелно во моментов на светската графичка сцена и во потесна смисла на посебната дисциплина на мала графика, т.н. екс либрис – вели Соња Димовска, уметница и организаторка на трите изданија на изложбата.

Уметноста на изразувањето во мали димензии, А5-формат – графики што на своето клише, односно на матрицата на која се отпечатуваат, мора да ги имаат интегрирано текстот „екс либрис“ и името на институцијата или личноста на која ѝ се посветени, како што истакна и уметницата Дијана Томиќ Радевска, бара вештина и внимание, исто како и создавањето големи формати.
– Со оваа уникатна постановка, графиката не само што ја одржува позицијата на различните типично графички дисциплини што се чинеше дека полека исчезнуваат туку благодарение на ентузијазмот и на професионалноста на уметниците што се верни и чесни кон својата професија всушност добиваме уште една нова колекција за почит – вели таа.
За екс либрисот како посебен израз во графичката уметност во моментов има голем интерес на светската уметничка сцена.
– Изложби и асоцијации од овој тип постојат и по повеќе од 80 години. Таков е на пример случајот со Чешката асоцијација на колекционери и пријатели на екс либрис формирана во 1918 година, која и денес има активна улога во чешката култура. Исто така во нашето блиско соседство постојат екс либрис изложби со долга традиција, како и неколку релативно нови одлични поставки, кои оваа година го имаа своето прво, а некои второ издание. Во моментов овој тип изложби се во подем и стануваат сѐ поактуелни. Кај нас сѐ уште некако овој израз како да го немаше најдено своето место на графичката сцена и затоа по долги години посветеност и истражување на ова поле, пред сѐ како графичар, а потоа и како иницијатор ја создадовме меѓународната изложба „Екс либрис“, која е биенална и чие прво издание се случи во ноември 2012 година во Отвореното графичко студио при Музејот на градот Скопје – вели Димовска.

Уникатноста на овој израз постои со векови, кога книгата имала голема вредност, кога потребата за размена била од значење и за писменоста и за ширењето на културите. Денес состојбата е поинаква, книгите за жал сѐ помалку се купуваат и печатат на хартија, но оваа форма на израз која е анахрона на современото, технолошки условено време, успева да си го најде своето место на уметничката сцена.
– Со оглед на тоа дека овој тип на изложби до скоро време, а и сѐ уште генерално се организира од библиотеките или во соработка со нив ја истакнува примарната улога на „екс либрисите“. Но во последно време сѐ почесто овие изложби излегуваат од овие рамки и сѐ повеќе функционираат независно како посебни специфични графички проекти. Поради големиот интерес за овој тип проекти од страна на публиката и галериите овие изложби многу често имаат повеќе изданија, односно повеќе претставувања во различни градови. Значи животот на овие изложби не завршува само со едно премиерно издание во една галерија или музеј туку се пренесуваат и претставуваат и понатаму – вели Димовска.

Една од примарните цели на оваа изложба е меѓу другото да се стави акцент на графичката уметност и таа да најде свои поклоници меѓу младите уметници.
– Акцентот е ставен на графичката уметност и со оваа поставка се обидуваме да дадеме свој придонес и свое видување и пред сѐ да ја разбудиме и актуализираме нашата графичка сцена. Воедно да се обидеме да ги следиме моменталните, тековни трендови во областа на графиката во кои новите генерации на графичари верувам дека многу добро ќе се пронајдат – истакна организаторката на изложбата.

Во рамките на изложбата се доделуваат и награди. Жирито во кое членуваат: Соња Димовска, Атанас Ботев, Кристијан Санев и Дијана Томиќ Радевска, годинава додели три награди. Првата му припадна на Линг-Шиенг Чанг од Тајван за делото „Екс либрис на Вен Хаи-Тао“ изработено во техниката гравура на дрво од 2016 година. Втората награда му е доделена на Зденек Буган од Словачка, со делото „Екс либрис К. Родел“, изработено во комбинирана техника, која вклучува бакропис, сува игла, акватинта и мецотинта од 2015 година, а третонаграден е Лукаш Цивицки од Полска, автор на делото „Екс либрис Павел Делекта“, изработено оваа година во техниката линорез.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail