„Голем студ“, дипломска претстава на студентите по актерска игра на ФДУ

fdu.jpg

Факултетот за драмски уметности од Скопје во соработка со Македонскиот народен театар, на 26. (понеделник) и 27. (вторник) март ќе одржи премиера на дипломската претстава „Голем студ“ по сценариото за филмот „The big chill“ од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек, која ќе се одигра во две постави на Малата сцена на МНТ со почеток во 19 часот.

https://studenti.mk/konkursi-2018-2019/

„Голем студ“ е дипломска претстава на студентите од одделот Драмски актери во класата на професорката Зоја Бузалковска и насл. доц. Александар Степанулески. Класата ја сочинуваат: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Душица Настова, Јаков Спасов, Петар Стојанов, Душица Тренева и Христина Цветаноска.

Преводот на насловот е проблематичен, зашто самиот наслов во себе носи повеќезначност, која може да биде „прочитана“ и донекаде разјаснета само во контекстот на времето во кое се одвива дејството. Речиси секаде каде што се зборува за овој филм, излезен во 1983 година, се цитира дообјаснувањето на авторот и режисер на филмот Лоренс Каздан, врзано токму со алузиите кои ги отвора самиот наслов, не докрај јасен дури и за американскиот аудиториум.

„Голем студ“ се занимава со членовите на мојата генерација кои откриле дека не сè што посакувале е возможно, дека не секој идеал во кој верувале останал во првите редови на нивните намери. „Голем студ“ е за процесот на оладување кој е карактеристичен за луѓето од секоја генерација, кога се движат од надворешно-насочената, повеќе идеалистичка, загриженост на нивната младост до еден вид на само-апсорпција, сопствен интерес, што ги става личните желби над оние на општеството, па дури и – на еден идеал.“ Л. К. Триесет и пет години подоцна, во една средина сосема различна од онаа на Америка во осумдесеттите (со генерации кои растеле и се развивале во шеесеттите) и во еден временски контекст, навидум оддалечен од американскиот, една друга генерација се обидува да проговори за истите тие проблеми, донесувајќи ги на сцената во сета нивна универзалност и препознатливост. Дилемите кои ги загатнува „Голем студ“ се проблеми на секоја генерација и се важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања, како што е и нашето. Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нѐ натера да се запрашаме до каде сме останале доследни на своите борби заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна. Во таа смисла, „Голем студ“ е токму тоа – претстава за реконстукција на надежта.

„Голем студ“ ја судира новата генерација драмски актери со голем предизвик и тешка актерска задача – низ еден реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, да се обиде да ви ја раскаже оваа сложена драмска приказна…

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top