shoelace-e1563002267177.jpg

Откако не се прослави со мрежата Google +, интернет компанијата сега експериментира со нова мрежа, која ќе им помогне на луѓето за дружење во живо, а не онлајн
Откако социјалната мрежа Google+, која беше амбициозно најавена како конкурент на Фејсбук, неодамна целосно престана да постои, најмалку што можеше да се очекува од Google е уште една социјална мрежа. Вработените во компанијата веруваат дека сепак можат да направат нешто различно на овој пазар, па во рамките на Area 120, инкубатор кој на вработените на Google им овозможува да експериментираат со нови идеи и проекти, развија нова апликација наречена Shoelace.

Не станува збор за класична социјална мрежа, каде што корисниците објавуваат статуси, фотографии, видеа, се фалат со селфи од патувања и слично, туку првенствено се фокусира на офлајн активности и поврзување со луѓе со слични интереси во живо, а не преку интернет. Како што од компанијата прокоментираа за медиумите, Shoelace е “експеримент во почетна фаза”, за која во моментов не сакаат премногу да зборуваат и првично ќе биде достапна само во Њујорк.

Апликацијата им нуди на корисниците настани и дружење врз основа на нивните интереси, за да можат да одат на одредена локација и да се запознаат, т.е. да се дружат со луѓе кои со нив ја делат истата страст за спорт, миленичиња и слично. Некој кој, на пример, има куче и сака да запознае сопственици на куќни миленичиња, може да организира дружење и шетање во некој парк, а целата комуникација би одела преку апликацијата на Google. Таа особено може да биде интересна за луѓето кои се доселени во нов град, така што преку Shoelace брзо и лесно можат да се запознаат со нови пријатели со кои имаат исти или слични интереси.

Shoelace во моментов е во експериментална фаза и фаза на тестирање и секогаш постои можност доколку корисниците не покажат интерес за неа, да ја доживее судбината на Google +, но од компанијата велат дека нивната цел е обезбедат нејзина достапност во што поголем број градови со цел да се поврзат што поголем број на луѓе.

Извор – Marketing365.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail