london.jpg

Научници од универзитетот во Тексас започнале да ја проучуваат убиствената магла која неколку дена се спуштила над Лондон во 1952 година и однела илјадници животи.

За првпат се појавила на 5-ти декември и четири дена подоцна исчезнала. Меѓутоа, по нејзината појава починале 12.000 лица, а околу 150.000 завршиле во болниците. Неколку години подоцна биле изгласани значително поригорозни закони за загадување на воздухот, но самите причини за нејзина појава досега никој не ги расветлил.  

За таа цел, Ренји Занг и неговиот тим истражувачи започнале да истражуваат и откриле дека азот диоксидот хемиски реагирал со релативно бенигниот сулфур диоксид и со тоа се создала смртоносна сулфурна киселина.

“Веќе подолго време е познато дека сулфатите се голем дел од маглите, а честичките на сулфурна киселина настанале од сулфур диоксидот кој излегувал од оџаците на домовите и термоелектраните на јаглен”, раскажал Занг, пренесува “Business Insider”.

Тој напоменал и дека досега не било потполно јасно како сулфур диоксидот станал сулфурна киселина. Слични загадувања се случуваат и во Кина, но досега не е забележан сличен случај на смртоносна магла. Занг го објаснува тоа со големата количина на вештачки ѓубрива кои Кина ги користи, а заедно со густиот сообраќај доведува до големи количини на амонијак во атмосферата.

Амонијакот ги неутрализира честичките на сулфурна киселина што ги спасува Кинезите од масовно умирање какво што го погодило Лондон во 1952 година.

Тимот научници сега се надева дека разбирањето на причините за смртоносната лондонска магла ќе им помогне на останатите градови да се спасат од сопственото загадување.

“Веруваме дека им дадовме некои идеи на кинеските градови како да го подобрат квалитетот на воздухот”, заклучил Занг.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail