Хрватскиот поет Горан Чолакхоџиќ добитник на наградата „Мостови на Струга“

hrvat.jpg

Наградата „Мостови на Струга“ која фестивалот Струшки вечери на поезијата и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, за 2017-ма ќе ја добие хрватскиот поет Горан Чолакхоџиќ за стихозбирката „На крајот таа градина“ (На крају тај врт).

Според одлуката на жирито, наградата му се доделува за автентичниот поетски ракопис, кој фестивалот ќе го објави во најмалку двојазично (македонско-хравстко издание), а можеби и во превод на англиски јазик.

Претседателот на Управниот одбор на СВП Славе Ѓорго Димоски на прес-конференција информираше дека имало голем интерес за наградата која, како што рече, широко им ги отвора натамошните патишта на творечка афирмација.

– Тоа го покажа и годинашниот интерес за неа и на адреса на СВП пристигнаа 20 книги од 16 земји. Управниот одбор и дирекцијата на СВП констаираа дека пристигнатите книги се со исклучителен квалитет и дека конкуренцијата за наградата во 2017 година е на високо ниво, рече Ѓорго Димоски.

СВП прес за „Мостови на Струга“ 2017

Од 20-те пристигнати, покрај наградениот Чолакхоџиќ, по  своите поетски остварувања се издвоиле уште двајца автори – Рим Батал, поетеса од Мароко, и Хуан Арабиа, поет од Аргентина.

– Поетската книга на Горан Чолакхоџиќ е дебитантско ремек-дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во хрватската литература, но и во светската поезија. Оваа награда ќе биде дополнителен поттик во нејзиниот творечки развој и придонес во распространување на поетските вредности на нејзиното творечко остварување за кое му е доделена, додаде Ѓорго Димоски.

Горан Чолакхоџиќ е роден во 1990 година во Загреб, а живее во Самобор. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирал и магистрирал на студиите за романски јазик и книжевност и на англиски јазик и книжевност. Неговите песни се преведени на англиски, романски, полски и холандски јазик. Минатата година е избран да учествува во проектот Версополис, како претставник на Хрватска.

За неговата книга „На крајот таа градина“, за која ја добива наградата „Мостови на Струга“, директорот на фестивалот Струшки вечери на поезијата Мите Стефоски рече дека се одликува со „игриво пеење, кое секогаш отсликува некаква просторност, секогаш го става лирскиот субјект во еден предел во кој човекот и природата се и во судир, но и во согласје“.

– Поетската книга „На крајот таа градина“ е еден минуциозно конципиран и изведен книжевен потфат. И покрај тоа што таа и во формална и во содржинска смисла е хетерогена, еден од неспорните квалитети со кој се одликува и ја покажува зрелоста и мајсторството на Чолакхоџиќ е и тоа што успева да го покаже единството на концепцијата и отелотворувањето на поетските идеи низ три различни изразни форми со кои се користи, од слоботен стих, преку необично римувани и ритмизирани стихови, до песни во проза, рече, меѓу другото Стефоски.

Наградата „Мостови на Струга“ на Горан Чолакхоџиќ ќе му биде врачена на годинашните Струшки вечери на поезијата, кои ќе се одржуваат од 23-ти до 28 август.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail