fb882.jpg

Најголемата социјална мрежа во светот „Facebook Inc.“ забележа рекордна квартална добивка и покрај приливот на негативни вести околу неа, поради што главниот извршен директор Марк Цукерберг изјави дека социо-медиумскиот гигант помина низ пресвртница и планира да се фокусира во текот на оваа година на изградба на нови производи.

Извештајот за четвртиот квартал покажува дека огласувачите продолжуваат да гледаат на „Facebook“ како на моќна платформа за да стигнат до потрошувачите и корисниците и не се откажуваат од мрежата, дури и кога беше критикувана за приватност на податоците, пишува „Wall Street Journal“.

Цукерберг рече дека компанијата излегува од периодот кога се фокусираше на спроведувањето на своите безбедносни практики, планирајќи да стави поголем акцент на иновациите во оваа година.

Во изминатите 18 месеци „градењето нови искуства не беше приоритет“, рече тој. „Ние се уште ќе направиме грешки на патот, но сега имаме јасна смисла на патот напред“, додава Цукерберг.

Инвеститорите ги поздравија резултатите како и промената на тонот на Цукерберг. Акциите на „Facebook“ скокнаа речиси за 12% до околу 168 долари на берзанската сесија. Пред среда акциите на „Facebook“ забележаа намалување за околу 34% од конференцискиот повик во јули па наваму, кога „Facebook“ предупреди за забавување на растот на приходите и зголемување на трошоците поради зголемените инвестиции во мерките за безбедност.

„Facebook“ забележа добивка по акција од 2,38 долари во четвртиот квартал, обично најтешкиот период за трошоци за огласувачите, во споредба со 1,44 долари една година порано. Нето-профитот на „Facebook“ се зголеми на 6,88 милијарди долари од 4,27 милијарди долари на годишна основа.

Приходите се зголемија за 30 отсто во текот на претходната година на 16,91 милијарди долари, што ги надминува очекуваните16,40 милијарди долари. Процентот на зголемување го означува најбавниот раст на приходите на „Facebook“. Сепак, растот е значаен за една компанија која сега е седум години по нејзиното „ИПО“.

Секојдневното користење на апликацијата на „Facebook“ се забавува на најдоходовните пазари на компанијата: САД и Канада додаваат околу еден милион корисници, а во Европа се додадени околу четири милиони. Овие трендови се важни за „Facebook“, бидејќи околу 70% од приходите од реклами доаѓаат од овие региони.

Сепак „Facebook“ успева да оствари повеќе приходи од корисниците во овие профитабилни региони: во САД и Канада, просечниот приход од корисник се зголемил за 8,10 долари, а во Европа со 2,12 долари.

Главниот оперативен директор Шерил Сендберг изјави дека „Facebook“ има многу можности да го зголеми износот на парите што ги генерира од секој корисник, како станува поефикасна со насочувањето кон рекламите. „Ако погледнете во колкав дел од нашите реклами се навистина добри за луѓето кои ги гледаат, ние треба да одиме по долг пат“, рече таа.

Предвидувањата покажуваат дека „Facebook“ ќе контролира 20,5 отсто од дигиталниот пазар за рекламирање во оваа година. Наспроти оваа „Google“ на „Alphabet Inc.“ се очекува да генерира 31,3% од пазарот според податоците на „eMarketer“.

Според голем број аналитичари, финансиските резултати се охрабрувачки.

„Луѓето се плашеа од најлошото“, вели Мајкл Натансон, партнер и аналитичар во „MoffettNathanson“. „Фактот дека компанијата е стабилна како што е сега, ги отстранува грижите на загрижените за вистинска криза во растот на приходите“.

Цукерберг исто така опиша неколку промени кои ќе се случат на „Facebook“. Тој рече дека планира да направи пораките повеќе централни за своите апликации, да пушти можноста за плаќања во „WhatsApp“ во повеќе земји и да овозможи кратко споделување, па „информациите да не останат засекогаш некаде“. Кратко споделуване потсетува на основната функција на помалиот конкурент „Snap Inc“.

Цукерберг дискутираше и за перспективата за интегрирање на своите „Facebook“ и „WhatsApp“ производи, велејќи дека корисниците велат дека сакаат да можат да комуницираат во сите мрежи на неговата компанија.

Во регионите во развој, „Facebook“ сè уште расте со брзо темпо. Во Азија, „Facebook“ додава околу 16 милиони корисници во кварталот, додека во остатокот од светот „Facebook“ има  осум милиони нови корисници. „Facebook“ не заработува толку пари во овие региони, иако просечниот приход на корисник во Азија се зголемил за 47 центи од пред една година, а во останатиот дел од светот се зголемил за 25 центи.

Севкупно, повеќе од 1,5 милијарди луѓе го користат „Facebook“ секој ден и 2,3 милијарди го користат барем еднаш месечно. Овие податоци беа повисоки од очекуваното. Општо земено повеќе од 2,7 милијарди луѓе го користат семејството од услуги на компанијата – вклучувајќи ги „Facebook“, „Instagram“, „WhatsApp“ и „Messenger“ – секој месец.

извор: денар.мк

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail