avtubus-JSP.jpg

Неколку години наназад студентите од Универзитетот „Американ Колеџ – Скопје (УАКС), бараат да им се овозможат истите права како и на студентите од државните универзитети и да го добијат правото на бесплатно користење јавниот градски превоз, што не е случај и за студентите од приватните универзитети. Претставка е пратено до Уставен суд, кој одлучил во полза на студентите. Но и покрај тоа, студентите од приватните универзитети, не добија бесплатен превоз.

„Јас ги имам истите права како и студентите на државните факултети. И моите родители плаќаат данок, и јас сум студент независно дали е приватно образованието или државно. Навистина не е фер, дури и пензионерите имаат денови на слободно возење, а ние не. Според Уставот на Р.Македонија сите граѓани се еднакви, а очигледно ние од приватните факултети не сме”, вели В.М. студент на правните науки при УАКС.

Според деканот Марко Андонов ваквата ситуација е една класична дискриминација, не се земени во предвид и правата на студентите кои што студираат на приватните универзитети. Тој вели дека сите студенти се еднакви, а Законот за високо образование не прави разлика меѓу студенти, без разлика на каков универзитет и да студираат.

„Уште пред три-четири години беше поднесена Уставна иницијатива од страна на студентите на ‘Факултетот за правни науки’ при Американ Колеџ до Уставниот суд, со цел да се укаже на дискриминаторската одлука која со години назад ја носеше пред се Советот на Град Скопје, а тоа се однесуваше во однос на бесплатниот превоз за студенти на прв циклус кои студираат само на државните универзитети во Р. Македонија. Во таа насока баравме Уставниот суд да ја поништи одлуката на Советот на Град Скопје за 2015-2016 година. Меѓутоа, проблемот е во тоа што Уставниот суд иако ја прифати нашата иницијатива, од формални причини не беше донесена конечната одлука за поништување, како резултат на тоа што практично годината за која што ние баравме веќе беше измината и беше беспредметно да се поништува одлука која што веќе не е во правна сила”, вели Андонов.

Тој изјави дека од Град Скопје и во наредните години продолжиле со донесување дискриминирачки одлуки, бидејќи бесплатен јавен превоз на ЈСП добиваат само студентите на јавните универзитети во Македонија.

Но, студентите не губат надеж и редовно преку мејл им пишуваат на Советниците на Град Скопје со цел да ги потсетат за одлуката на Уставниот суд од изминатите години и да им укажат на сторената неправда. Ова го прават во пресрет на престојната одлука што треба да се донесе во декември и која што ќе важи една година, со надеж дека конечно ќе се исправи според нив неправдата која што им е нанесена.

Претседателката на студентското собрание при УАКС, Антонела Јаки реторички прашува дали студентите од приватните унвиерзитети се граѓани од втор ред и не се еднакви во однос на студентите од државните универзитети.

„Се разбира дека не! Истото тоа го потврди и Уставниот суд, кога во јуни 2017 донесе решение дека сите студенти треба да имаат бесплатни ЈСП карти. Согласно мислењето на Уставниот суд, одлуките кои што ги носеше Советот на Град Скопје, немаат Уставна основаност, односно повредена е Уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните во однос на остварување на нивните права при исти услови и еднаква положба. На нашиот факултет студираат и голем број на студенти кои си ги дозволуваат нивните студии благодарение на стипендиите кои ги овозможува Универзитетот. Ве молиме да не ги нарушувате нашите Уставни права. А доколку повторно се донесе ваква дискриминирачка одлука, ќе бидеме принудени повторно да се обратиме до Уставниот суд, но и да побараме обештетување од Град Скопје, за нарушување на нашите права“, изјави Јаки.

Според член 4 од Уставот на Република Северна Македонија, сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Но, одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје, за 2019 година беше истата како и претходните години. Градот Скопје повторно ги изостави студентите од приватните факултети. Конечната одлука за 2020 година ќе биде донесена во декември, а професорите и студентите искрено веруваат дека таа ќе биде позитивна.

извор: радиомоф

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail