ИДНИНАТА Е ПРИВАТНА – Премиерна изведба на претставата со пренос во живо

The-Future-is-Private-1.jpg

ИДНИНАТА Е ПРИВАТНА - Премиерна изведба на претставата со пренос во живо

Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат се поставуваат прашањата за позицијата на човековата приватност. Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки.

На 9ти септември, во продукција на „Пресврт“, со почеток во 20.00 часот преку пренос во живо на платформата basita.live ќе биде одиграна премиерната изведба на претставата „Иднината е приватна“ по текст и во режија на Милош Б. Андоновски. Младата и
талентирана актерска екипа, која директно од Денсинг салата на МКЦ ќе ја одигра претставата е составена од Ангела Стојановска, Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Нина Елзесер, Дарко Ристовски и Христијан Поп-Симонов како гласот на Адам.
Сценографијата на претставата е на Наташа Вчкова, костимографијата на Ирина Тошева, додека пак музиката на бендот ИСКРА. Продуцент на претставата е Петар Антевски.

„Започнавме со идеја за театарска претстава, изведена на начин кој е веќе познат, со физичко присуство. Но, овој процес нè научи дека и со прецизно планирање, нештата можат да се сменат во секунда. Овој пат актерите се на сцена во Денсинг салата на МКЦ, а вие од својот дом го следите преносот на претставата во живо за кој заслужни се
екипата на Пирка.“ – најавуваат од Пресврт.

Авторскиот драмски текст на режисерот Андоновски, иако пишуван пред воопшто да се смени општествениот контекст, говори за далечната иднина во која секојдневието на луѓето се темели на физичка дистанца, живот во изолација и комуникација исклучиво
преку сопствените виртуелни профили. „Живееме изолирано и повеќе виртуелно, отколку во живо, зашто само така се чувствуваме поврзано со она што е надвор од нас, од овде.
Иднината ја чувствуваме преку видливоста, препознатливоста, брендот, објавувањето на порциите и долната облека, споделувањето на личните спомени и онлајн оплакувањето на мртвите.“ – вели Андоновски.

Подготовките на оваа независна театарска претстава започнаа уште во февруари 2020 со најавата на кампањата за прибирање финансиски средства за нејзина реализација на која публиката имаше можност да донира и предвреме да си набави билети за претставата.
Општествените текови ја натераа екипата на „Пресврт“ да направи пауза и со уште поголема креативност да се посвети на претставата по враќањето во процесот.
Неочекуваните промени можат да донесат и убави работи и затоа сме им благодарни на нашите соработници и финансиската поддршка која ја добивме од Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и на нашите спонзори Агенцијата за интелектуална сопственост Берин, Модното студио Ле-Те и секако сите оние кои донираа на кампањата за прибирање средства за отпочнување на продукцијата на претставата „Иднината е приватна“.

Повеќе за „Пресврт“ и претставата „Иднината е приватна“ можете да најдете на www.presvrt.mk како и нивните профили на Facebook и Instagram.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail