ИМЕ:Сезоната на вишни како можност за летна студентска работа во Фруктана

Sezonata-na-vishni-kako-moznost-za-letna-studentska-rabota-vo-Fruktana.jpg

ИМЕ:Сезоната на вишни како можност за летна студентска работа во Фруктана

Јуни и јули се најзафатените месеци за Фруктана, компанија за откуп и преработка на овошје и зеленчук од селото Аргулица во Општина Карбинци. Во овој период Фруктана врши откуп и преработка на свежи вишни од повеќе од 50 локални производители. По преработката, вишните се продаваат во Европа, Русија, Канада и Нов Зеланд. Покрај замрзнатите производи, компанијата продава и вишни во алкохол кои се користат за шери-чоколади, пастеризирани вишни во конзерва, како и вишни во сируп во тегла. Традиционално, ова е период кога преработувачките капацитети на Фруктана се полни со млади луѓе – средношколци и студенти од околината на Штип кои одлучуваат да поминат дел од летниот распуст како сезонски работници во преработувачката индустрија.

Слично на европските и глобалните трендови во опаѓање на бројот на (сезонски) работници во земјоделството, предизвикот е присутен и кај македонските агробизниси. Во потрага по сезонски работници, Фруктана пред 10 години започна со ангажирање на млади луѓе од регионот.

„Бидејќи сезоната на берба, откуп и преработка на вишната временски се поклопува со летниот распуст на средношколците и студентите, започнавме да објавуваме огласи за сезонски работници по средните училишта и универзитетите во Штип. Годишно имаме околу 100-120 средношколци или студенти кои доаѓаат како сезонски работници по месец дена. Младите сезонски работници ни се огромна помош во периодот кога преработката на вишни е во полн ек. А за нив ова претставува начин да стекнат работно искуство и да заработат дополнителен приход.  Придобивките се обострани.” нагласува Горан Митев, менаџер за продажба на Фруктана.

Работата не бара огромен физички напор бидејќи претежно вклучува полуавтоматизирани процеси како што се чистење на семките, сортирање и калибрирање на вишните, така што добредојдени се да се пријават и млади девојки и момчиња. Според Законот за работни односи, кандидатите треба да имаат над 16 години и важечка лична карта за да бидат ангажирани како сезонски работници. Фруктана ги пријавува преку Агенцијата за вработување и ги покрива сите трошоци за социјално и здравствено осигурување. Младите работници исто така поминуваат низ кратка практична обука за да се запознаат со работните задачи и безбедноста при работа.

Некои од нив се враќаат на сезонска работа во Фруктана и неколку години по ред. Драгана Костадинова, млада девојка од Карбинци која првпат дошла во Фруктана на летна работа на 16 години, сега веќе е вработена во компанијата со полно работно време. „Работев неколку лета сезонска работа во Фруктана што ми овозможи да се стекнам со самодоверба и потребни компетенции. Подоцна, тоа многу ми помогна и за време на студиите на Факултетот за земјоделство во Штип, бидејќи бев една од ретките студенти кои доаѓаат на студии со претходно работно искуство.” вели Драгана. По дипломирањето, Драгана се вработи како лаборантски техничар во Фруктана. Одговорна е за анализа, контрола на квалитет на производството и пакување.

Компанијата Фруктана е основана во 2000 година и има модерни преработувачки погони. Освен преработката на вишни, Фруктана нуди услуги за замрзнување на пиперка и овошје на други фирми. Целта на Фруктана е да започне со замрзнување на сопствена пиперка која ќе стане нов производ во нивното портфолио. За да ја остварат оваа цел, им беше потребна поддршка за ко-инвестиција за нови и соодветни машини и истата ја остварија преку Фондот за развојни можности на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

„Со ко-финансирањето што го добивме од ИМЕ, набавивме машина за автоматско празнење на корпи пипер, затворен тунел за пренесување на пиперот од комората за предзамрзнување во комора за замрзнување, како и  кондензатор. Машините набрзо ќе бидат инсталирани и на есен започнуваме со преработка и замрзнување на пиперка”, додава Митев.

Овие машини се предуслов за Фруктана да добие меѓународен стандард за безбедност на храна и да го задржи постоечкиот стандард за квалитет ISO 22000. Со оваа инвестиција, значително ќе се подобри квалитетот на производите и ќе се намали можноста за загадување на производната лента. Фруктана планира да ја извезува пиперката на пазарите каде врши извоз на вишна, но исто така да се прошири со извоз во Грција, Полска, Германија, Белгија и Холандија.

Во Фруктана сè се искористува на паметен начин. Семките од вишните не се фрлаат, туку се сушат и продаваат како огрев. Семките од вишна/цреша се одлична биомаса и замена за пелети бидејќи повеќе загреваат и се почисти.

„Оваа нова инвестиција и проширувањето на портфолиото ќе ни овозможи да ја зголемиме продажбата, да почнеме соработка со поголем број локални производители на овошје и зеленчук и да вработиме повеќе сезонски работници и работници со полно работно време” заклучува Митев. Напорите на Фруктана да ангажираат млади луѓе како сезонски работници може да се следат како добра пракса и од страна на останатите агробизниси. На тој начин може да ги привлечеме и задржиме младите луѓе во секторот, да го подобриме квалитетот на работните места во руралните средини и да ги охрабриме младите луѓе да започнат сопствен бизнис во земјоделството.

 

Извор: agrotim.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail