73361217_384986952409349_6532049184474791936_n.jpg

Кога сонот станува јаве тоа е повеќе од личен успех, тоа е сатифакција која те понесува кон нови предизвици. Таква е и приказната на нашата Душица Попоски која во 2014 година решена да го следи сонот, да гради кариера на друго тло далеку од дома од Македонија, заминува во Перт, Австралија.

Во интервју за нашиот портал, Душица ни раскажа за тоа како како изгледал нејзиниот прв студентски ден во Македонија, како се одлучила да замине во Австралија, со какви предизвици се соочила, која е денес нејзината работна обврска…

  1. Во  Македонија имате завршено средно медицинско образование, но потоа продолжувате со политички студии… Зошто не продолживте да студирате во областа на медицината?

Додека бев дел од средното медицинско училиште во Скопје како дел од училишната настава беше и практичен дел кој се одвиваше во Државната болница или други јавни здравствени установи. Третманот на медицинскиот персонал, целата работна атмосфера, а и финансискиот бенефит беа доволни причини да почнам да размислував дека целиот труд кој би го вложила во медицинскиот факултет и долгите години студии би завршиле со огромно разочарување. Желбата за студирање и надоградување во областа на медицината се уште постои и не се откажувам од мојот сон.

  • Дали се сеќавате на вашиот прв студентски ден во Македонија?

Тоа беше далечната 2007 година еден Октомврски не така студен ден. Многу студенти во мал амфитеатар на Правниот факултет. Многу нови пријателства склучени и секако таму ја запознав мојата драга другарка која постана моја надобра пријателка. Убави спомени.

  • Како одлучивте да го следите вашииот сон и да заминете во Австралија?

Некако после 4 години работа како медицинска сестра, а потоа и последните три години како административен работник почна поривот за предизвик за нешто поинакво да станува се поголем. Бидејќи веќе ја имав искусено Австралија туристички решив тоа да биде дестинацијата од која ќе ја започнам мојата авантура.

  • Во Австралија почнувате повторно да учите како медицинска сестра…Колку ви беше тешко да почнете од почеток?

Искрено бев многу лута и гневна кога сфатив дека оние години макотрпно образование и работно искуство во Македонија изчезнаа како облак одвеан од силен ветер. Но желбата да се биде некој и нешто водена од сонот да работам како медицинска сестра во Австралија некако ги натежнаа гневот и лутина и продолжив да творам и итам кон мојата крајна цел.

  • Со какви предизвици се соочивте, имавте ли нечија помош?

Прва препрека беше јазикот. Во Македонија изучував англиски јазик, но овде акцентот и вокабуларот се сосема поразлични од тоа што јас го знаев како англиски јазик. Потоа менталитет и начинот на живот. Австралија е изразито мултикултурно општество,  искрено некои и од нациите кои се присутни овде јас и воопшто не ни знаев дека постојат на географска карта. Јас имам постојана поддршка од моите родители, меѓутоа имам и поддршка од мојата сестра која со своето семејство живее во Австралија и секако од мојот сопруг со кој ги поминуваме сите препреки, падови и успеси во последниве 5 години.

  • Доделена Ви е награда за  најдобар интернационален студент и награда за „амбасадор” на North Metro TAFE од Перт, може ли да ни кажете за какви награди станува збор?

Најпрво ми беше доделена наградата Амбасадор на North Metro TAFE како заслуга за мојата безрезервна посветеност на студиите меѓутоа и поради фактот дека секогаш сум отворена за соработка и да понудам помош на моите колеги. Како Амбасадор мојата улога е да градам соработка со интернационални студенти и да го промовирам моето училиште како одлична едукативна институција каде не само што можете да се стекнете со квалитетно стручно образование него можете да најдете соодветна работа и компанија каде би можеле да аплицирате за работа затоа што практичната настава се одвива во реномирани компании кои нудат работа за студенти. Втората награда е национална награда каде ја имав честа да го добијам признанието Најдобар Интернационал Студент во Западна Австралија избрана од сите интернационални студенти кои моментално студираат активно во З. Австралија. Оваа награда ја доделува Министерството за образование. Сега сум ангажирана во сите национални настани кои нудат инфомации и промоции за З. Австралија како одлична едукативна дестинација за сите идни и сегашни интернационални студенти.

  • Кои се разликите меѓу едукативниот систем во Македонија и едукативниост систем во Перт?

Во Македонија во времето кога јас бев дел од едукативниот систем, според мене системот беше квалитетен и нудеше можности да бидете високостручни и спремни за работа веднаш по завршувањето на студиите. Во Перт, З. Австралија многу на цена е средното стручно образование и сите оние курсеви во траење од 6 месеци па до 1 или 2 години ве прават работоспособни и барани од компаниите. Овде градежникот или механичар заработуваат задоволително за да можат да ја живеат онаа средна економска класа. Исто така многу е важно каков впечаток ќе оставите додека одите на практична настава затоа што многу компании вработуваат студенти токму заради покажаните одлични резулатати кога сте биле практикант. Да сумирам, овде образованието како процес не е многу долго, а можете да се стекнете со диплома со која брзо ќе си ги вратите вложени пари од образовниот процес. Овде средното стручно образование треба да си го платите од свој џеб особено ако сте интернационален студент тоа може да ве чини и десетици илјади долари.

  • Моментално работите и како медицинска сестра. Кажете ни нешто повеќе за вашата работа и работни обврски?

Ја имам честа да работам во институција за рехабилитација на луѓе со невролошки проблеми (повреди на мозокот) која е едиствена од таков вид моментално во цела Австралија, Тасманиа и Нов Зеланд. Работиме според програм кој предвидува целосно оспособување на пациентот да се врати назад во својот дом, на своето семесјство, да е повторно работоспособен и да си ги извршува своите обрвски самостално. Нажалост поради различната тежина на повредата сите пациенти напредуваат различно, но од медицински аспект за нас успех е секој пациент да може повторни да прооди, прозбори или да има нормална исхрана.

  • Кое е вашето најголема заводолство и мотивација во вашата професија?

Кога на крајот од една смена ќе заминам со мислата дека тој ден сум помогнала некому да почне да го изградува својот живот повторно. Тоа е како некому да сте дале втора шанса во животот, да сте му помогнале да ја избрише грешката или темната дамка и да видите насмевка која ветува дека некој повторно ќе почне да сонува и да ги граби сите шанси кои му престојат во животот. Имам безброј позитивни и успешни приказни на мои пациенти за кои би можела и книга да напишам J, тоа се тие приказни кои се мои тркала кои ме придвижуваат, инспирираат и даваат мотивација да давам несебична нега на моите пациенти.

  1. Според вашето искуство, која е разликата меѓу медицинските сестри во Македонија и Австралија?

И самите сме сведоци на последните случувања со нападите на медицинскиот персонал во Македонија. На таа цела ситуација би ја додала и ниската финасиската поддршка на медицинскиот персонал и со тоа ја добивате целосната слика за медицинските сестри во Македонија. Овде во Австралија, како медицинско лице сте високопочитувани дури и надвор од своето работно место со посебни бенефиции и попусти кога правите секојдневен шопинг се до посебни цени на аранжмани за одмор. На работно место исто сте почитувани како од колеги така и од пациенти и што е најважно вашето мислење се цени и имате право на глас да промените се што мислите дека ќе придонесе за подобро здравје на пациентите и бенефит за заедницата. И секако тука е и финансискиот фактор кој ви овозможува комфорен живот во таа средна економска класа. 

  1. Кои се вашите идни планови?

Овде не застанувам со мојата професионална надградба. Мојата крајна цел е работна позиција како матична медицинска сестра каде би можела да работам и во регионалните и рурални места во Австралија каде достапноста на медицинска помош е многу мала и голем е бројот на домородно население на кое навистина му е потребна здравствена едукација и нега.

  1. Кој е вашиот совет до студените кои сакаат да заминат на студирање надвор од Македонија?

Никогаш не заминувајте со негативна мисла или страв од непознатото. Бидете авантуристи, сонувајте ги вашите соништа и од секој неуспех извлечете поука како животно искуство. Добро истражете го теренот пред да заминете за да ги намалите шансите за неубави искуства или препреки. Имајте визија ама немојте да планирате на долги стази затоа што животот е многу непредвидлив и бидете отворени за нови искуства.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail