Инженерите за управување со апликации стануваат сè поважни и побарани во ИТ сферата

endava.png

Кога зборуваме за софтвер прво помислуваме на развојот на платформи и апликации, но за тие да функционираат беспрекорно и да „успеат“ на пазарот стои тим професионалци кои управуваат со апликациите (Applications Management – AM). Концептот на Управување со апликации е релативен новитет во Македонија. Сепак, целта на развивање на нова апликација или платформа не е самиот процес на развој, туку да се креира извесна деловна вредност за организацијата и за нејзините клиенти. Затоа, животниот циклус на една апликација не завршува со првата испорака на готовиот продукт, туку почнува.

Успешноста на самиот софтвер зависи во голема мерка од тоа какви се неговите карактеристики, но и од тоа како е системот опслужуван и одржуван. Соодветното управување со секоја апликација, без оглед дали е тоа разрешување на инциденти, мали поправки или функционални промени, е еден од најважните фактори кои понатаму ќе ја одредат употребливоста на секоја апликација.

Тимот на “Ендава” за управување со апликации

Во „Ендава“, една од најголемите ИТ компании во Македонија, тимот за управување со апликации е брзо растечка, но кохерентна група од 35 инженери. Тие секојдневно работат да го подобрат апликациското портфолио на клиентите; се фокусираат на управување со ризици, подобрување на квалитетот и брзината на адаптација на системите. Горјан Кепески, кој го води тимот за Управување со апликации во „Ендава“ посочува дека како што расте значењето на концептот на управување со апликации, така ќе се зголемува потребата од професионалци во оваа област.

“Инженер за управување со апликации е релативно нова професија во Македонија. Техничките универзитети имаат подобри наставни планови во однос на изминатите години, но сè уште се најмногу фокусирани на рамките и технологиите за развој на нови апликации и платформи, со мал или без фокус на целосниот животен век на апликацијата. Но, што ќе се случува кога апликацијата ќе излезе на пазарот? Кој ќе се грижи за сите последователни „багови”, за сугестиите за подобрување кои доаѓаат од клиентите, за имплементацијата на барањата за функционални промени? Со оглед на обемот на развој на нов софтвер, потребата од професионални сервиси за управување со апликации ќе расте експоненцијално. Општи познавања од ИТИЛ стандардите, управување со инциденти и промени, разбирање на договорите за сервисни нивоа (СЛА), како и комуникациски вештини и комерцијална свест ќе бидат голема придобивка за во иднина” – појаснува Кепески.

Управување со апликации – Клучен дел од успехот на производот
Тимовите за управување со апликации претежно се занимаваат со системи кои се достапни за корисници низ целиот свет. Кога има некаков проблем со овие системи очекувањата на корисниците или на клиентите се дека истиот ќе се реши во најбрз можен рок. Квалитетите на луѓето во дисциплината за управување со апликации и начинот на кој тие работат им овозможува лесно да се справат со ваквите предизвици. Тимот за управување е место каде што може да се види тимска работа на дело. Членовите се надополнуваат,поддржуваат и се секогаш тука еден за друг.

Тања Поповска е дел од оваа професионална екипа во компанијата „Ендава“, а зад себе има 15-годишно искуство во ИТ индустријата.

“Моето задолжение е да се осигурам дека сервисот за управување со апликациите е со добар квалитет и е во согласност со договорот склучен помеѓу „Ендава“ и клиентот. Имам искуство во оваа сфера и можам да кажам дека начинот на кој тоа се прави во „Ендава“ е многу понапреден. Се посветува големо внимание на правилното организирање и поставување на сервисите за одржување на апликациите, се користат најдобрите практики на ИТИЛ и се инсистира на воспоставување на процеси и процедури за поддршка на апликациите уште на самиот почеток кои уредно се следат и подобруваат во текот на времето. „Ендава“ исто така вложува многу во поддршка на своите вработени, нудејќи најразлични обуки и сертификати и ни овозможува постојано да се надополнуваме и да ги надградуваме своите знаења” – објаснува Поповска.

Софтверските компании, но и клиентите, ретко внимаваат на потребите на софтверот по неговото пуштање во продукција. Вообичаено по објавувањето на првата верзија има дефекти поради кратките рокови за развој и тестирање, се забележува недостаток на документација и нема гаранција и процес за примопредавање на софтверот помеѓу клиентот и изработувачот. Ако овие проблеми не се решат во краток период по првичното објавување, успешноста на апликацијата може да биде поразителна. Дисциплината за управување со апликации во „Ендава“ постои за да се спречат овие проблеми. Тимовите се составени од програмери, тестери и аналитичари кои се фокусирани на краткотрајни задачи. Поради тоа има потреба од динамични и снаодливи личности со широко познавање од различни технологии.

Иван Стојкоски две години работи во „Ендава“ како аналитичар за управување со апликации и од тогаш ја поддржува работата на главната апликација за управување со ризици на клиентот. Во текот на овој период тој и тимот секојдневно ги насочуваат работите во позитивна насока.

“Ја презедовме поддршката на апликацијата со заостаток од 200 инциденти и се фокусиравме да истражиме што е можно повеќе дефекти, зголемувајќи го бројот на 350. Во следниот чекор го подобривме целиот процес за поддршка и го зголемивме тимот, стабилизирајќи го остатокот на околу 100. Со тоа успеавме да ја зголемиме довербата на крајните корисници кон претходно проблематичната апликација. Знаењето со кое се здобивме во овој двегодишен процес сега се користи за подобрување на интеграцијата помеѓу главната апликација за управување со ризици и апликацијата за онлајн продажба на ризици која ја одржуваат колегите, така што поддржувајќи се меѓусебно тимовите за управување на апликации го подобруваат квалитетот на целото апликациско портфолио на клиентот” – објаснува Стојкоски.

Компанија отворена за менторирање на дипломци
Бобан Спировски е еден од првите вработени во компанијата како инженер за управување со апликации, а во „Ендава“ во изминатите две години посети голем број на тренинзи и семинари на кои се здоби со низа сертификати во оваа сфера.

“Долго време работев како инженер за развој пред да станам инженер за управување со апликации. Оваа дисциплина бара големо искуство и познавање на различни алатки, апликации, проекти, системи или инфраструктурни решенија. За ефикасно решавање на проблемите кои се пријавуваат, многу е важно инженерот за управување со апликации да има целосно разбирање за апликацијата која ја поддржува, инфраструктурата, начинот на имплементација, бизнис логиката итн. Иако ова е дисциплина со предизвици, во „Ендава“ сме горди што имаме можност да менторираме нови членови кои немаат работно искуство или се тукушто излезени од факултет и се обидуваме да им помогнеме да стекнат основа преку практична работа под наше менторство” – додава Спировски.

Уште еден член на тимот за управување со апликации во „Ендава“ е инженерот Никола Калковалиев кој станува дел од компанијата преку програмата за додипломци.

“Тоа беше во 2016 година и избрав ИТ кариерата да ја почнам во тимот за управување со апликации. Тогаш дисциплината беше прилично нова и надвор од „Ендава“ беше малку промовирана. Ме привлече предизвикот на ново и интересно поле за работа. Од тогаш имам работено на повеќе комерцијални проекти за повеќе интернационални клиенти. Динамиката во работата, техничкиот и личен развој, можноста за директен контакт со клиентите се дел од шансите кои ми ги нуди оваа професија. И повторно да ја имам шансата да бирам би ја донел истата одлука” – вели Калковалиев.

Неговиот колега Александар Велков работи како постар аналитичар за осигурителна компанија која е еден од најголемите клиенти на „Ендава“

“Секојдневно се среќавам со нови предизвици што ја прави мојата позиција интересна, динамична и предизвикувачка. Работењето со луѓе од различни земји и континенти е само дополнителен поттик бидејќи различната култура придонесува кон различно согледување на проблемите, но и различен начин на секојдневно работење. Фактот дека тимот за управување со апликации добива 97 отсто позитивен фидбек од клиентите е само мотивација плус за понатамошен личен развој” – објаснува Велков.

Тауљант Рацај работи на позицијата постар инженер за управување со апликации. Тој ја почнал кариерата како инженер за развој, но кога му била понудена позицијата во тимот за управување со апликации, веднаш одлучил да ја прифати.

“Управувањето со апликации е работа која е динамична и полна со предизвици. Најважно е што никогаш не е здодевно. Нуди голем број на можности за развивање и подобрување како на техничките така и на личните карактерни особини и квалитети или “меки” вештини, a без нив работата едноставно е невозможна. Клучен фактор во оваа професија е и одговорноста, имајќи предвид дека се работи на „жив“ продукт, кој го користат реални корисници и во повеќето случаи природата на проблемите налага тие да бидат решени брзо и точно. „Меките“ вештини се уште еден аспект од полето кој никако не смее да се занемари. Секој клиент е посебна приказна, посебен карактер кој донесува барања што се очекува да бидат реализирани тука и сега, без оглед на сè” – истакнува Рацај.

Да се биде дел од оваа дисциплина не е секогаш едноставно, но секој предизвик е нова лекција и ново остварување. Работењето во компанија како „Ендава“ носи многу придобивки и додава нова вредност на сè она што некој го направил, правејќи човек да се радува на она што го работи и со задоволство да ги исполнува доделените задачи. А рецептот за да уживаш во работата е да правиш нешто што те прави среќен. „Ендава“ го овозможува сето тоа, и многу повеќе.

Извор: it.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail