Искрено писмо до сите оние кои празниците ќе ги поминат сами

1-iskreno-pismo-do-site-onie-koi-kje-gi-pominat-praznicite-sami-kafepauza.mk_.jpg

Лејн Мур е позната писателка, комичарка, актерка и музичарка. Таа е основач на популарната комична емисија „Tinder Live“. Овој пат им се обраќа на сите оние кои ќе ги поминат празниците сами, им дава поддршка и разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат. Прочитајте го нејзиното искрено писмо кое ќе ве остави без зборови…

Уште веднаш, сакам да знаете дека ве разбирам. Во моментов целиот свет зборува само за празниците. Реклами, филмови, божиќни епизоди од ТВ серии, социјални медиуми… Сите тие се стремат кон тоа да го пренесат новогодишниот дух. Освен тоа, сите тие зборуваат за тоа колку е важно целото семејство да се собере за време на празниците, затоа што сите имаат семејство за празниците! Празниците треба да се поминат во кругот на семејството! Со оглед на тоа што сите имаат совршено семејство со кое одлично се согласуваат, сите ги обожаваат празниците! А доколку не ги сакате празниците, тогаш сигурно сте ладнокрвен психопат!

Веројатно само ова сте го слушале во последно време и тоа е голема штета. Можеби некој од вашите сакани починал, можеби вашето семејство ве напуштило или вие сте го напуштиле затоа што сте се чувствувале несигурно или можеби родителите не ве прифаќале. Без разлика за што станува збор, вие чувствувате како да не ги исполнувате општествените очекувања за време на празниците, а тоа е најосаменото чувство на светот.

Голем дел од мојот живот се шегував дека посакувам да заспијам на 1-ви ноември и да се разбудам околу март кога сите празници ќе поминат. Станува збор за долг период и за луѓето кои ќе треба да го поминат сами, тој претставува вечен потсетник дека тие никаде не припаѓаат.

Но, како човек што долго време поминувал низ ова, би сакала да знаете неколку работи:

Вие не го заслужувате ова.

Не заслужувате да бидете сами за време на празниците. Сите заслужуваат прекрасно семејство кое ги сака и се грижи за нив. Фактот што никогаш не сте го имале тоа или го немате повеќе, не значи дека нешто не е во ред со вас. Можеби го знаете тоа, но во овој период од годината лесно е да ви се всади таа идеја во глава. Не знам зошто го немате тоа што сите ваши пријатели го имаат, но знам дека заслужувате љубов и нормален живот исто како и сите други. Никогаш не се сомневајте во ова.

Не сте чудовиште затоа што го мразите овој период од годината.

Ме нервира тоа што светот ги игнорира луѓето на кои им е тешко за време на празниците. Ако и вие спаѓате во таа група, сосема разбирливо е тоа што се нервирате секогаш кога ќе го чуете почетокот на песната „All I Want For Christmas Is You“ додека пазарите во продавница. Тоа е нормално и тоа е така не затоа што сте ладни, туку затоа што страдате. Логично е тоа што сакате да ги одбегнувате работите што ви предизвикуваат болка. На тој начин вие се справувате со ситуацијата.

Дозволено ви е да ги прославувате празниците како што сакате или да не празнувате воопшто.

Без разлика дали вашата традиција подразбира игнорирање на празниците, исклучување на телефонот, гледање филмови и јадење брза храна или пак плачење, јас целосно ве поддржувам. Имате право да ги поминете празниците сами или со луѓе, плачејќи или смеејќи се. Тоа не ве прави слаби и асоцијални губитници. Повеќето луѓе нема да го разберат начинот на вашето преживување и нема ни потреба од тоа. Вие го разбирате и тоа е доволно.

Најмногу од сѐ, сакам да знаете дека се грижам за вас. Не ме познавате, но имам чувство како да ве познавам. Знам дека можеби ги лажете луѓето и им кажувате дека имате некои големи планови, а вие всушност планирате како да го издржите товарот што ви го наметнува тагата додека сите останати се нормални и среќни. Ви простувам поради таа лага, бидејќи знам зошто сте ја кажале. Простете си и вие самите.

Се надевам дека оваа година и секој празник понатаму, нема да заборавите дека сте посебни, дека заслужувате љубов и дека сте посилни од поголемиот дел од луѓето. Можеби вие не би сакале да бидете силни цело време, но тоа е знак на цврст карактер. Ако можете, бидете многу добродушни кон луѓето периодов, без оглед на тоа што вашето срце е ладно и исплашено.

За крај, познато ви е она кога луѓето ќе ви речат „Чувајте се“, а вие си мислите „Што значи тоа воопшто“? Епа, чувајте се. Чувајте го оној дел од вас што толку силно посакува да имате семејство. Чувајте го оној дел што никогаш нема да разбере зошто вашето семејство е токму такво какво што е или зошто не е повеќе со вас. Чувајте го оној дел од вас што се чувствува поинакво за време на празниците. И најмногу од сѐ, бидете горди на себеси што сте преживеале. Вие сте сѐ уште тука и еден ден можеби и самите ќе основате семејство и ќе ги обожавате празниците. Или, пак, никогаш нема да го засакате периодов. Во секој случај, вие ќе продолжите да живеете. Понекогаш тоа е најхраброто нешто што човек може да го направи.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail