Италијанскиот од септември ќе биде втор изборен странски јазик

italijanski-jazik-28-600x600.png

Од септември се воведува и италијанскиот јазик како втор изборен странски јазик. Ова значи дека училиштата сами ќе избираат кој ќе биде вториот странски јазик, покрај англискиот кој останува задолжителен.

Досега во училиштата како втор изборен странски јазик се изучуваа француски или германски.

Наставните програмите за изучување на италијанскиот јазик во основните и средните училишта се веќе подготвени и се објавени на веб страницата на Бирото за развој на образованието.

Раководителката на Катедрата за италијански јазик, проф. д-р Александра Саржоска, за МИА изјави дека изминативе години дипломирале околу 500 италијанисти.

„Тоа не е мал број и затоа и се јави потребата за една поинаква активност – бидејќи произведувате кадар, а не му овозможувате да работи. Не сум голем оптимист дека ќе имаме бум од септември, зашто тоа значи и вработување наставници, но се надевам дека е процес што ќе трае и дека италијанскиот јазик ќе си го најде своето место. Затоа што тој, според неодамнешни податоци, е четврти странски јазик во светот по број на изучувачи, рече Саржоска.

Италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео очекува да се зголеми интересот за изучување на италијанскиот јазик и младите професори да се подготват и да го зголемат квалитетот на наставата. Италијанскиот јазик беше укинат да се изучува како втор изборен странски јазик кога се воведе деветгодишното образование зашто не беа подготвени новите наставни програми за деветолетка. Освен во Куманово и во Центар Жупа, каде што има голем број иселеници во Италија, и константно се изучува италијанскиот како втор јазик, и во основни и во средни училишта според старата програма.

Оваа учебна година, на Катедрата за изучување на италијански јазик бројот на запишани студенти се зголемил. Ако претходните години се запишувале по 12 студенти, сега тој број е 75 – 30 во квота за редовни, 30 за кофинансирање на студиите и 15 вонредни.

Покрај на УКИМ, студенти за италијански јазик ќе запишува и Катедрата на Штиспкиот универзитет, каде што италијански предаваат професори кои докторирале на Скопскиот универзитет.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top